ЗЕЛЕНСКИ МУ УДРИ КОРПА НА ТРАМП – Не даваме ниту педа земја за мир со Путин
Москва, пак, тврди дека мандатот на Зеленски е истечен и го обвинува дека ги одбива вистинските мировни преговори за да ја задржи власта.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ги отфрли сите идеи за територијални отстапки кон Русија, реагирајќи на наводниот компромисен предлог поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Украинските трупи нема да се повлечат од Донбас – точка,“ изјави Зеленски во понеделник, повторувајќи дека и Донецк и Луганск се украински територии, и покрај тоа што во 2022 година беа анектирани од Русија.
Од другата страна, рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека армијата на Москва напредува долж целата фронтова линија, и покрај силната поддршка на НАТО за Украина.
Според медиумските извештаи, на средбата со Зеленски во петокот, Трамп предложил размена на територии за да се дојде до мир, предупредувајќи дека „Украина ќе замрзне и ќе биде уништена“ доколку не се постигне договор. „Фајненшл тајмс“ јави дека Трамп изразил фрустрација поради застојот, одбивајќи да ја прифати актуелната мапа на фронтот и додавајќи дека е „изморен“ од ситуацијата. Јавно, сепак, тој и натаму се залага за замрзнување на непријателствата по постојните линии.
Зеленски воедно ја критикуваше Унгарија како несоодветен домаќин на можните разговори меѓу Трамп и Путин. Тој го обвини премиерот Виктор Орбан дека „ја блокира Украина насекаде“ и нагласи дека Будимпешта не може да игра позитивна или избалансирана улога, потсетувајќи на спротивставувањето на Орбан на украинското членство во НАТО и ЕУ.
Москва, пак, тврди дека мандатот на Зеленски е истечен и го обвинува дека ги одбива вистинските мировни преговори за да ја задржи власта.

