СОВЕТОТ НА ЕВРОПА Бугарија мора да ги спроведе пресудите за Македонците

До денес, Бугарија не спровела ниту една од 16-те пресуди во кои Судот во Стразбур утврди прекршување на правото на слободно здружување на Македонците

СОВЕТОТ НА ЕВРОПА Бугарија мора да ги спроведе пресудите за Македонците
Фото: Принтскрин

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Бугарија, но истовремено упати јасен повик до властите во Софија да обезбедат напредок во спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права – особено оние кои се однесуваат на одбивањето да се регистрираат здруженија на лица што се изјаснуваат како етнички Македонци.

Во резолуцијата, усвоена на почетокот на месецов, се нагласува дека Бугарија направила чекори во клучните реформи, но и дека остануваат нерешени проблеми во судството, борбата против корупцијата на високо ниво и заштитата на човековите права на малцинствата. Затоа, ПССЕ најави дека ќе продолжи да го следи развојот на состојбите во рамките на своите периодични извештаи.

Според документот, над 90 пресуди на Европскиот суд за човекови права во случаи против Бугарија сè уште чекаат на извршување, од кои речиси една третина се постари од десет години. Посебно се потенцира потребата од соработка со Комитетот на министри на Советот на Европа, со акцент на случаите „ОМО Илинден и други против Бугарија“ и слични предмети.

До денес, Бугарија не спровела ниту една од 16-те пресуди во кои Судот во Стразбур утврди прекршување на правото на слободно здружување на Македонците. Од нив, 11 се однесуваат на организацијата ОМО „Илинден“-Пирин, чија прва пресуда датира уште од 2001 година. Останатите пет се поврзани со „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други тужители.

CATEGORIES
TAGS
Share This