ПРОЕКТ „Е – БЕБЕ“ Родителите ќе го добиваат првиот извод директно во болница
За користење на услугата, од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги

Од почетокот на наредната година, пријавувањето на новороденчиња ќе биде целосно автоматизирано – најави Министерството за дигитална трансформација. Според соопштението од Кабинетот на министерот, проектот „е-бебе“ предвидува родителите да го добијат првиот извод од матичната книга на родени директно во болницата, најдоцна 48 часа по раѓањето на детето.
За таа цел, од почетокот на годината е формирана работна група во која се вклучени повеќе институции: Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство – Управата за електронско здравство и јавните здравствени установи. Целта е воспоставување на целосно автоматизиран процес на издавање на првиот извод за новороденчињата.
Министерството објаснува дека преку Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, сите засегнати институции се поврзани во еден интегриран систем. Во втората фаза од проектот ќе бидат опфатени и услугите на Фондот за здравствено осигурување, како и оние од Министерството за социјална политика, демографија и млади, поврзани со финансиската помош за новороденчиња.
За користење на услугата, од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги. Министерството најави дека со посветената работа на работната група, проектот ќе биде целосно реализиран до јануари 2026 година.
Проектот „е-бебе“ е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ.


