НОВА ИНИЦИЈАТИВА ВО БРИСЕЛ Квалификувано мнозинство наместо консензус

Грашич потврди дека Словенија, Австрија, Германија и Италија веќе испратиле писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со барање за поедноставување на процесот на донесување одлуки.

НОВА ИНИЦИЈАТИВА ВО БРИСЕЛ Квалификувано мнозинство наместо консензус
Фото: Принтскрин

Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија, предложија до Европската комисија промена во начинот на одлучување за пристапувањето на земјите кандидатки во ЕУ. Според иницијативата, за техничките меѓучекори во процесот на преговори би се користело квалификувано мнозинство, додека за почетокот и крајот на преговорите би останало потребното едногласие.

Предлогот, кој веќе е доставен до Европската комисија, доби поддршка од 16 земји членки. На заедничката прес-конференција во Скопје, австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и словенечката државна секретарка за европски прашања, Нева Грашич, истакнаа дека целта е да се забрза процесот и да се спречи внесување на билатерални или внатрешно-политички прашања во пристапниот процес.

„Среде Европа недостига еден голем дел кој сè уште не е дел од ЕУ. Треба да ја затвориме оваа празнина за да ја зајакнеме безбедноста на континентот. Веќе 20 години ѝ ветуваме на Северна Македонија дека ќе стане членка. Затоа Австрија ќе се залага за користење квалификувано мнозинство во меѓучекорите, за да се намали бирократијата и да се избегнат блокади“, рече Плаколм.

Таа додаде дека оваа промена не би важела за финалните одлуки за членство, туку само за техничките фази на процесот, кои често се одолговлекуваат поради политички несогласувања.

Словенечката претставничка Грашич нагласи дека проширувањето на ЕУ останува приоритет, особено во контекст на новите геополитички предизвици.

„Инсистираме Северна Македонија да стане членка на ЕУ најдоцна до 2030 година. Го разбираме разочарувањето, затоа бараме процесот да стане пофер и поефикасен“, рече таа.

Грашич потврди дека Словенија, Австрија, Германија и Италија веќе испратиле писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со барање за поедноставување на процесот на донесување одлуки. Таа изрази задоволство што за оваа иницијатива веќе се разговара на европско ниво.

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, оцени дека Македонија одамна укажува на потребата од ревизија на методологијата за проширување.

„Овој процес не смее да остане заробен од билатерални блокади. Тоа не им штети само на земјите кандидати, туку и на стратешките интереси на самата Европска унија“, рече Муртезани.

CATEGORIES
Share This