АЛЕГРИ ПОСТАВИ НОВИ ПРАВИЛА ВО МИЛАН Строга дисциплина за сите

Масимилијано Алегри, тренерот на Милан, успеа да го врати тимот во форма, забележувајќи четири последователни победи без примен гол. Според италијанските медиуми, успехот на росонерите не е само резултат на тактичките стратегии на теренот, туку и на новите правила кои Алегри ги воведе надвор од теренот.
Како што пренесува „Кориере дела Сера“, Алегри воведе четири основни правила кои важат за сите членови на тимот и стручниот штаб. Првото правило налага задолжително користење на италијанскиот јазик во сите клупски простории, што е дел од напорите за подобрување на комуникацијата и единството во екипата. Второто правило се однесува на строг кодекс на облекување за време на гостинските натпревари, каде што сите играчи и персонал мораат да носат службена клупска облека, вклучувајќи костим и вратоврска.
Третото правило воведува задолжителни карантини пред натпреварите, што е важен аспект за подготовка на тимот. Четвртото правило предвидува заеднички ручеци во тренинг центарот Миланело, со цел да се спречат делби и да се создаде посилна тимска хемија. Овие оброци се воведени поради проблемите со единството кои тимот ги имаше минатата сезона.
„Corriere della Sera“ истакнува дека овие нови правила се враќање на вредностите на „стариот Милан“ од ерата на Силвио Берлускони, со јасна порака за заедништво и припадност. Алегри е решен да ги спроведе овие правила до најмали детали, дури и за играчи како Лука Модриќ, кои ќе мораат да се придржуваат на новите стандарди.


