ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ПОВТОРНО СО НЕЛОГИЧНОСТИ – Илјадници вишок гласачи
Во меѓувреме, ДИК ја продолжува својата работа. Во понеделник ќе се одржи нова седница, а во четврток ќе се извлече редоследот на кандидатите за градоначалници и советнички листи.

И годинава на избирачкиот список има места со повеќе гласачи отколку жители. Во Дебар, според пописот има 15.412 жители, а во списокот 19.763 гласачи – разлика од 4.351 лице. Во Центар Жупа несразмерот е уште поголем: попишани се 3.720 жители, а запишани 7.551 гласач, односно 3.821 повеќе.
Од ДИК објаснуваат дека ваквата состојба произлегува од методологијата на последниот попис, кој правеше разлика меѓу резидентно и нерезидентно население.
Дебар досега го постигнуваше потребниот цензус за излезност, но во Центар Жупа на изборите во 2021 година тоа не се случи, па Владата именуваше повереник за вршење на надлежностите сè до вонредните избори, на кои истиот кандидат доби нов мандат.
Во меѓувреме, ДИК ја продолжува својата работа. Во понеделник ќе се одржи нова седница, а во четврток ќе се извлече редоследот на кандидатите за градоначалници и советнички листи.
Дополнително, ДИК, Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија потпишаа меморандум за соработка. Со него институциите се обврзуваат на координација, размена на податоци и контрола на финансирањето на изборните кампањи, како и навремено постапување при утврдени неправилности.
Фокусот е ставен на транспарентноста, редовната размена на финансиски извештаи и заеднички активности за почитување на изборната регулатива, со цел да се обезбедат фер и демократски избори.


