СЕБАСТИЈАН ЛЕКОРНУ – Нов премиер на Франција по падот на владата на Бајру
Триесет и деветгодишниот Лекорну, долгогодишен близок соработник на Макрон и поранешен министер за одбрана, важеше за фаворит за премиерската функција.

Францускиот претседател Емануел Макрон го именуваше Себастијан Лекорну за нов премиер, еден ден по изгласаната недоверба на неговиот претходник Франсоа Бајру.
Триесет и деветгодишниот Лекорну, долгогодишен близок соработник на Макрон и поранешен министер за одбрана, важеше за фаворит за премиерската функција. Во Министерството за одбрана беше активен во креирањето на францускиот одговор на руската агресија врз Украина.
Со ова именување, Лекорну стана петти премиер на Франција во помалку од две години – уште еден показател за политичката нестабилност што ја тресе земјата.
Елисејската палата соопшти дека неговата главна мисија ќе биде да ги консултира политичките партии и да обезбеди усвојување на националниот буџет, чиј пад ја урна владата на Бајру.
Франција годинава се соочува со рекорден јавен долг од 3,3 трилиони евра, што изнесува 114% од економското производство. Бајру се обиде да предложи кратења во висина од 44 милијарди евра, но токму тие мерки доведоа до изгласување недоверба.
Иако левицата се надеваше дека по промените премиер ќе дојде од нивните редови, Макрон повторно се реши за лојалист од својата блиска околина.
Парламентот останува нестабилен по предвремените избори што Макрон ги свика минатата година, на кои левицата изненадувачки излезе како победник, иако пред изборите фаворит беше десницата.
