ПУШТЕНА НОВА ДЕЛНИЦА ОД АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД – 17 километри од трасата Климештани-Охрид

Изградбата на автопатот започна во 2014 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со рок за завршување до 2018. Но, по промената на власта во 2017, проектот беше преиспитан поради наводни сериозни пропусти и несовпаѓања во трасата.

ПУШТЕНА НОВА ДЕЛНИЦА ОД АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД – 17 километри од трасата Климештани-Охрид
Фото: Влада

Во сообраќај е пуштена делницата Климештани-Охрид, долга 17 километри, која минува низ пет населени места – Мешеишта, Требеништа, Горинци, Оровник и Подмоље. Со ова повеќе од половина од автопатот Кичево-Охрид, чија вкупна должина е 57 километри, е ставен во функција.

На отворањето присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски со државна делегација. Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека наскоро ќе биде пуштена и целата делница, со мал прекин кај Требеништа. Тој посочи дека овој дел бил еден од најтешките за изградба, бидејќи трасата поминува низ густо населени места и барала дополнителни пристапни патишта за околу 100 домаќинства.

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски најави дека за два месеца ќе биде завршена и клучката кај Требеништа, а целиот автопат ќе биде готов до крајот на 2026 година. Тој додаде дека автопатот ќе се надоврзе на трасата Букојчани-Кичево и понатаму кон Гостивар, со што до крајот на деценијата ќе се обезбеди целосна автопатска врска Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево-Струга-Охрид.

Изградбата на автопатот започна во 2014 година за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со рок за завршување до 2018. Но, по промената на власта во 2017, проектот беше преиспитан поради наводни сериозни пропусти и несовпаѓања во трасата. Работите беа сопрени, а цената на проектот се зголеми за дополнителни 185 милиони евра со нов анекс-договор со кинеската компанија-изведувач.

CATEGORIES
TAGS
Share This