18 ПОВРЕДЕНИ ВО ГОЛЕМ ПОЖАР ВО ВИНИЦА – Дел пренесени во Скопје
Не е познато колку од повредените се вработени во фабриката, а колку пожарникари.

Во пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница, повредени се вкупно 18 лица, дел со изгореници, а дел со отрови од чад.
Според д-р Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог во Општа болница Кочани, пет лица се на хируршко одделение – четворица со изгореници од прв и втор степен на нозете, а едно со инхалациски повреди. Други пет се згрижени на интерно одделение со токсиколошки повреди од вдишување чад. Шест лица веднаш се препратени во клиники во Скопје, сите со труење од чад, а останатите биле отпуштени по укажаната помош.
Не е познато колку од повредените се вработени во фабриката, а колку пожарникари.
Пожарот избувнал во магацините и производствените погони 6, 7 и 8 во 18:40 часот. За гаснењето учествувале противпожарните единици од Виница и соседните општини.

