ПОДЕЛБИ КАЈ ПЕНЗИОНЕРИТЕ Едни за СДСМ, други за ВМРО-ДПМНЕ

Иако ПП ја потврди соработката со СДСМ, упати и критики до власта. Мерката за линеарно зголемување на пензиите, според нив, претставува „популистички потег и обид за предизборен поткуп“.

ПОДЕЛБИ КАЈ ПЕНЗИОНЕРИТЕ Едни за СДСМ, други за ВМРО-ДПМНЕ
Фото: Национал

Партијата на пензионери и понатаму ќе соработува со СДСМ, иако дел од нејзиното раководство претходно поддржа коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

На денешна прес-конференција, потпретседателот на партијата, Миле Андоновски, изјави дека на претстојните локални избори тие ќе продолжат со поддршка на досегашниот коалициски партнер – СДСМ.

„Социјалдемократите и ПП споделуваат исти идеолошки вредности и компатибилни програмски цели, особено во делот на пензиските политики. Наш приоритет останува правично и долгорочно остварување на интересите на пензионерите“, нагласи Андоновски.

Тој додаде дека во наредните денови ќе се воспостави директна соработка со локалните изборни штабови на СДСМ и коалицијата, со цел активна вклученост во нивните изборни активности.

На новинарско прашање што ќе се случи доколку другото раководство и дел од членството останат на ставот за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Андоновски одговори дека тогаш можно е доаѓање до поделба во партијата.

Од Партијата на пензионери ја оценија одлуката на Извршниот одбор за коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ како неприфатлива, поради критики, незадоволство и револт меѓу членството. Според нив, образложението било нејасно и повеќе насочено кон лични амбиции на поединци, отколку кон интересите на пензионерите. Дополнително, посочија и на сериозни идеолошки разлики со ВМРО-ДПМНЕ.

„Нелогично е преминувањето преку суштинските разидувања во пензиските политики и идеологија. Таквиот чекор би значел губење на идентитетот на нашата партија“, изјави Андоновски.

Иако ПП ја потврди соработката со СДСМ, упати и критики до власта. Мерката за линеарно зголемување на пензиите, според нив, претставува „популистички потег и обид за предизборен поткуп“.

По прес-конференцијата, ВМРО-ДПМНЕ реагираше со став дека Партијата на пензионери ја манипулира јавноста.

„Партијата на пензионери никогаш не била дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, па затоа не може ни да излегува од неа. Но точно е дека неодамна ја напуштија коалицијата со СДС. Со зачуденост гледаме на нивното постојано менување на ставовите“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

CATEGORIES
Share This