НОВ ПРАВИЛНИК ЗА УВОЗ НА ВОЗИЛА – Европски стандарди и пониски трошоци
Од денеска стапи во сила новиот Правилник за увоз и одобрување на возила, со кој се воведуваат европски стандарди и значително се олеснува постапката за импортерите и граѓаните.

Од денеска стапи во сила новиот Правилник за увоз и одобрување на возила, со кој се воведуваат европски стандарди и значително се олеснува постапката за импортерите и граѓаните.
Со измените, сите возила што веќе имаат одобрен тип во Европската унија или во Македонија повеќе нема да мора да минуваат низ долга и скапа процедура за единечно одобрување. Наместо тоа, ќе се врши само идентификација и проверка на техничката исправност.
Единечно одобрување ќе биде потребно единствено за возила кои немаат национално или европско одобрение, а постапката ќе ја спроведува Бирото за метрологија. Роковите за одобрување на типот ќе бидат преполовени, со што се овозможува побрзо и поефикасно завршување на административните процедури.
Новината носи и значителна економска корист. Според проценките, околу 1,3 милиони евра годишно кои досега завршуваа кај странски компании за TÜV потврди, сега ќе останат во земјата. Потврдите ќе ги издаваат домашни овластени застапници, а цената за нив ќе се движи меѓу 40 и 50 евра – значително пониска од досегашните трошоци.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласува дека со овој правилник, конечно, по 17 години од донесувањето на Законот за возила, започнува неговата целосна примена во согласност со европските стандарди.


