ПО ИЗБОРИТЕ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА – Ќе се отвораат вратите за нови луѓе

„Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. Веднаш после изборите ќе ги отвориме вратите за нови луѓе, а во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите.“, изјави Мицкоски

ПО ИЗБОРИТЕ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА – Ќе се отвораат вратите за нови луѓе

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на настан по повод отчетот за четиригодишната работа на градоначалниците, најави дека по локалните избори ќе следат кадровски промени и реконструкција во партијата и Владата.

„Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. Веднаш после изборите ќе ги отвориме вратите за нови луѓе, а во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите. Тоа не значи дека заменетите биле лоши или немарни, туку дека на Владата ѝ е потребно уште посилно темпо за промените што ги правиме“, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека процесот ќе значи зголемени потенцијали и нови енергии кои ќе овозможат уште похрабро водење на реформите и реализирање на проекти што ќе донесат подобра иднина за граѓаните.

Мицкоски истакна дека државата се движи по патот на промени кои носат реални резултати, посочувајќи на позитивните макроекономски показатели.

„Бројките велат дека имаме зголемен извоз, зголемен БДП, раздвижена економија и раст на стопанството. Времето кога овие резултати ќе ги почувствува и обичниот човек сигурно ќе дојде“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, предизвиците што следат бараат нова енергија и динамика, а најавените промени ќе бидат чекор кон „градење на заеднички успеси и иднина каква што долго време чекале младите генерации“.

CATEGORIES
Share This