МАКСИМ Е ЛАЖЕН ПАТРИОТ, ЦРВЕНКОВСКИ НЕ СТОИ ЗАД НЕГО – Минчев е со Максим од лични интереси
„Максим од локален политичар со мандат за градоначалник, кој го доби од Заев, одеднаш стана „државник“. Отиде на летување во Бугарија, каде што го снимија како пее „Делете ја, парчете ја“ и преку ноќ стана патриот, државник и лидер на партијата

Зоран Дамјановски Циц, гинеколог по професија, долгогодишен член на СДСМ и 13 години градоначалник на Куманово, во радио емисија зборуваше за состојбите во СДСМ, за претстојните локални избори, за движењето ЗНАМ и за размислувањата на Бранко Црвенковски како негов близок пријател.
Дамјановски категорично ги демантираше гласините дека Црвенковски стои зад движењето ЗНАМ. Според него, таквата перцепција е последица на активностите на лукративни интереси на неговиот близок пријател Минчев, кој се приклучил на ЗНАМ од лични мотиви.
„Црвенковски е против формирање фракции или партии од незадоволници кои штетат на матичната партија и служат само како мост за привлекување гласачи од македонскиот електорат, со што му помагаат на политичкиот противник“, вели Дамјановски.
Тој го опишува Црвенковски како доследен социјалдемократ и државник со огромно искуство, и смета дека штета е што не е активен во политиката.
Дамјановски смета дека времето на ЗНАМ стивнува, и дека главниот противкандидат на сегашниот градоначалник Максим Димитриевски, социјалдемократот Мартин Костовски, има големи шанси да ја добие довербата на граѓаните и да стане нов градоначалник на Куманово.
„Максим од локален политичар со мандат за градоначалник, кој го доби од Заев, одеднаш стана „државник“. Отиде на летување во Бугарија, каде што го снимија како пее „Делете ја, парчете ја“ и преку ноќ стана патриот, државник и лидер на партијата. Но, времето и на него и на партијата му поминува, како и на секоја помала партија која се користи од политичкиот противник“, коментира Дамјановски.
Тој потенцира дека никогаш не бил симпатизер на ЗНАМ, а открива и дека Зоран Заев го отфрлил од партијата без да му објасни, иако не бил миленик ниту на Шекеринска, ниту на Минчев. Сепак, смета дека не може да му се негираат успесите што ги донел на СДСМ.
„Кажете ми еден капитален проект кој Максим Димитриевски го реализирал за Куманово во овие осум години? Ништо. Тој наместо локална политика, игра улога на државник. Јас сум фан на Мартин Костовски. Сметам дека СДСМ и Филипче направија добар избор со Костовски за кандидат за градоначалник на Куманово на претстојните избори. Тој е лојален социјалдемократ, одличен познавач на потребите на општината каде што работел повеќе од десет години и има реални шанси за победа“, заклучи Дамјановски“.


