85-ГОДИШНАТА ВНУКА НА ВОЈВОДАТА ПИТУ ГУЛИ Сѐ што имал, го дал за слободата

85-ГОДИШНАТА ВНУКА НА ВОЈВОДАТА ПИТУ ГУЛИ Сѐ што имал, го дал за слободата

На Мечкин Камен, токму на местото каде го издивал последниот здив славниот војвода Питу Гули, својата животна приказна за МИА ја раскажа неговата единствена директна потомка – Елена Гули. Таа има 85 години и е внука од најмалиот син на Питу, Стерју. Со гордост вели:

„Ја носам последната капка крв од Питу Гули.“

Елена потекнува од семејството Теље – фамилијата на сопругата на Питу Гули. Своите први впечатоци за дедо ѝ ги добила од нејзината мајка и од бабината фамилија, бидејќи на четиригодишна возраст останала без татко.

„Ми кажуваа дека немало поголем јунак од него. Но, не можеле да му простат што ги оставил и загинал. Сепак, тој живееше за Македонија“, вели таа.

Питу Гули водел бурен и посветен живот. Седум години бил затворен во турски затвор во Анадолија, а последиците од прангите ги носел цел живот. И покрај тоа, останал неуморен и постојано бил во движење. Ги анимирал, агитирал и охрабрувал луѓето од цела Македонија да се спротивстават на турскиот зулум.

„Не се плашел од ништо. Ја крстосувал Македонија, собирал оружје и востаници, ги организирал младите и ги поддржувал сиромашните – дури и облеката од себе им ја давал“, раскажува Елена.

Пресвртот, вели таа, настанал по средбата со Гоце Делчев во Штипско.

„Гоце го слушнал за дедо ми и рекол: Ако некој треба да биде војвода во Крушево, тоа е Питу Гули.“

Елена го поддржува ставот на дедо ѝ дека востанието требало да започне веднаш, и покрај несогласувањата со Никола Карев.

„Доколку не се кренеше востанието, Македонија немаше да ја има првата Република на Балканот“, тврди таа.

Питу бил човек што сè давал за другите. Ретко ги гледал своите деца и жена, но секогаш се борел. Елена посочува и една од нејзините омилени приказни – кога Питу Гули, при посета на Кичево, оставил три пушки кај семејството Зердевци, како симболичен аманет за неговите синови да продолжат по неговите стапки.

„Дедо ми знаел дека ќе загине. Но и неговите деца не сакаа да седат мирни. И тие се бореа. Цел живот се трудам да опстанам, како него. И горда сум на тоа“, завршува Елена.

Семејството Гули е задоволно од признанијата и почитта – Питу е дел од македонската химна. На младите, Елена им порачува:

„Останете во Македонија. Чувајте ја. Зашто некој ја платил со живот.“

CATEGORIES
TAGS
Share This