80 ГОДИНИ МНТ – Спектакл со три премиери што обединува генерации

Сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето - Made in MNT“ ќе има три премиерни изведби на големата сцена

80 ГОДИНИ МНТ – Спектакл со три премиери што обединува генерации
Фото: Принтскрин

Со три премиерни изведби на сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, Македонскиот народен театар ќе одбележи 80 години постоење. Премиерите се закажани за 29 декември, како и за 15 и 16 јануари, на големата сцена на МНТ.

Концептот на спектаклот беше претставен денеска на прес-конференција во МНТ. Станува збор за аудиовизуелно сценско патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност, кое симболично ги поврзува минатото и сегашноста на театарот.

Според МНТ, претставата ги слави темелните вредности на институцијата: љубовта кон театарот, уметничката храброст, посветеноста, визијата, тимската работа, негувањето на традицијата и создавањето нови вредности за иднината. Во проектот учествуваат актерите од ансамблот на МНТ, оперски уметници, студенти и актери од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“, како и деца од драмски студија.

Претставата комбинира повеќе сценски изрази, со посебен акцент на 3Д-видеомапингот, кој создава моќно визуелно и емотивно доживување.

Проектот се подготвуваше интензивно неколку месеци, со буџет од 700 илјади денари обезбедени од Министерството за култура, дополнет со сопствени средства на МНТ. За уметничката визија говореа директорот на МНТ Никола Кимовски, режисерот Дејан Пројковски, актерот Сашко Коцев и композиторот Горан Трајковски, за кого ова е 100-та јубилејна претстава за која компонира авторска музика.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, сценските движења ги креира Олга Панго, 3Д-мапингот е на Сергеј Светозарев, а драматуршки консултант е писателот и професор Венко Андоновски.

„Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Таа е мозаик од гласови, тела, тишини и храбри одлуки што ја сочинуваат колективната меморија на МНТ. Ова не е затворање на еден круг, туку чин на одговорност кон иднината – МНТ да продолжи да биде простор на храброст и уметничка искреност, рече директорот Кимовски.

Режисерот Пројковски нагласи дека работата на јубилејна претстава за МНТ значи патување низ времето и низ клучните моменти на македонската култура. Насловот на спектаклот е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ, на 3 април 1945 година, со која официјално започнува работата на театарот.

„Претставата повеќе се занимава со театарот како феномен и со играта, отколку со фактографијата. Се навраќаме на култни претстави како „Буре барут“, „Среќна Нова ’49“, „Кенгурски скок“, кои се темелот на современиот МНТ, истакна Пројковски.

Сценскиот спектакл, во траење од два часа и 15 минути, опфаќа и македонски народни приказни и митови, како Силјан Штркот, елементи од античката трагедија, ликови како Болен Дојчин и Сердарот, како и сегменти посветени на македонската поезија и драма, обработени низ современ режисерски пристап.

Во име на актерскиот ансамбл се обрати Сашко Коцев, кој истакна дека МНТ е место за кое се сонува и за кое се бори, додавајќи дека ваквите колективни проекти ја носат вистинската магија на театарот.

Композиторот Горан Трајковски најави дека музиката ќе биде изведувана во живо, како спој од претходно подготвени композиции и импровизации што директно реагираат на актерската игра и сценскиот ритам.

CATEGORIES
Share This