60 ИКОНИ НА МАЈКАТА БОЖЈА – Промовирано македонското издание
Збирка иконографски претстави од 7. до 15. век од француската авторка Аријан де Сен-Марк

Во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје беше претставено македонското издание на книгата „60 икони на Мајката Божја“ од француската авторка Аријан де Сен-Марк. Изданието ја прикажува еволуцијата на Богородица во иконографијата од 7. до 15. век, нудејќи преглед на најзначајните типови, нивната теолошка, историска и уметничка улога, како и влијанието во византиската и западната традиција.
Авторката Аријан де Сен-Марк истакна дека нејзиниот интерес за византиската уметност се развил спонтано, но со текот на годините прераснал во темелно истражување.
„Јас сум пред сè уметник, а не писателка. Моето внимание кон христијанството и византиската уметност започна случајно, но прерасна во децениски труд. Патував од Финска до Етиопија и скоро две децении ги истражував црквите, манастирите и музеите во Македонија и регионот“, рече таа.
Де Сен-Марк додаде дека македонските цркви и манастири претставуваат вистинско богатство.
„Потребно е време да се восхитите на фреските и мозаиците и да се обидете да ги разберете нивните значења“, подвлече таа.
Проф. д-р Елизабета Димитрова, промоторка на книгата, нагласи дека од вкупно 60 претстави на Богородица во книгата, десет се од македонски цркви. Таа посебно ја истакна фреската „Успение на св. Богородица“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко, која е избрана за корица на изданието.
„Фреската од Полошко не е случајно избрана. Таа прикажува емотивен момент во кој Христос ја напушта својата божествена аура за да ја бакне својата мајка, која спокојно почива“, објасни Димитрова.
Промоцијата беше и омаж на преведувачот Тихомир Јанчовски, чие последно дело е преводот од француски на оваа книга. Јанчовски почина на 30 јануари на 58-годишна возраст.


