ГОЛЕМА ВЕСТ ЗА ГРАЃАНИТЕ Ќе се враќаат 2,3 милиони евра од незаконски наплатени трошоци за брзи кредити

Инспекциските контроли опфатиле 27 финансиски друштва, а кај 18 биле откриени неправилности. На 12 им е наложено да ги вратат незаконски наплатените трошоци за опомени и известувања.

ГОЛЕМА ВЕСТ ЗА ГРАЃАНИТЕ Ќе се враќаат 2,3 милиони евра од незаконски наплатени трошоци за брзи кредити
Фото: Принтскрин

Повеќе од 26.000 граѓани во Македонија треба да добијат назад над 2,3 милиони евра, односно повеќе од 140 милиони денари, откако Државниот пазарен инспекторат открил незаконска наплата на трошоци за опомени и известувања за доцнење со отплатата на брзите кредити.

Контролите покажале дека финансиски друштва незаконски им наплаќале дополнителни надоместоци на граѓаните, а неправилности биле откриени и во договорите за потрошувачки кредити.

Во изминатите три месеци биле извршени вонредни инспекциски надзори кај сите 27 финансиски друштва кои поседуваат лиценца од Министерството за финансии. Кај 18 друштва биле утврдени нечесни трговски практики и незаконски одредби во договорите за потрошувачки кредити. За констатираните неправилности се изречени законски мерки и прекршочни платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари, односно околу 56.000 евра.

Особено сериозни неправилности биле откриени кај 12 финансиски друштва, кои незаконски наплаќале известувања и опомени од граѓаните поради доцнење или неплаќање на кредитните обврски. По обработката на документацијата, Државниот пазарен инспекторат донел решенија со кои им наложил на финансиските друштва да ги вратат незаконски наплатените средства.

Станува збор за повеќе од 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, кои треба да им бидат вратени на над 26.000 потрошувачи од целата држава. Роковите за исполнување на налозите се движат од 30 до 90 дена, во зависност од бројот на потрошувачи опфатени со незаконската наплата.

Инспекциските надзори откриле и неправилности во водењето на сметководствената евиденција кај две финансиски друштва. За овие случаи е известено Министерството за финансии.Контролите се однесувале на работењето на финансиските друштва во периодот од 2023 до 2026 година.

Од Државниот пазарен инспекторат најавуваат дека ќе продолжат со засилените контроли, а воедно ги повикуваат граѓаните внимателно да ги проверуваат договорните услови, трошоците и надоместоците пред да склучат договор за потрошувачки кредит.

CATEGORIES
Share This