Евакуацијата продолжува – Македонија ги враќа своите граѓани од Блискиот Исток

Муцунски предупредува: лажните вести создаваат паника и ја поткопуваат довербата

Евакуацијата продолжува – Македонија ги враќа своите граѓани од Блискиот Исток
Фото: Национал

Сите македонски државјани кои во моментов се наоѓаат во кризните подрачја на Блискиот Исток и сакаат да се вратат во татковината ќе бидат евакуирани до крајот на неделава, а трошоците за нивното враќање целосно ги покрива државата. Ова го соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Муцунски нагласи дека државниот систем е воспоставен токму за да им помогне на граѓаните во вакви кризни ситуации и ги повика сите кои имаат потреба од евакуација да стапат во контакт со Министерството. Тој додаде дека при качувањето на летовите приоритет имаат жените, децата и лицата кои во регионот престојуваат како туристи.

Вчера од Дубаи успешно беа евакуирани 151 патник. Освен македонски државјани, Македонија покажа солидарност и помогна во евакуацијата на граѓани од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Украина, Косово, Србија и Холандија. Во ОАЕ во моментов се наоѓаат уште околу 430 македонски државјани, за кои се планирани уште два евакуациски лета во текот на неделата. Министерот информираше дека 14 лица кои претходно побарале евакуација не се појавиле на вчерашниот лет.

Евакуирани се сите лица кои побарале помош. Во моментот останува уште едно лице чие извлекување ќе биде организирано веднаш штом се создадат безбедни услови.

Во Доха од вкупно 162 македонски државјани, 89 изразиле желба за евакуација. Граѓаните од Кувајт (36), Бахреин (15) и Саудиска Арабија (5) ќе бидат транспортирани до Ријад, од каде со директен лет ќе се вратат во Македонија.

На крајот од обраќањето, Муцунски упати критика до дел од медиумите поради, како што рече, ширење дезинформации. Според него, пласирањето лажни вести создава непотребна паника, ја поткопува довербата во институциите кои работат на заштита на граѓаните и може да го наруши меѓународниот углед на државата.

CATEGORIES
Share This