15 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ ВЕСНИК ИЛИНДЕН – Континуитет, посветеност и афирмација на македонскиот идентитет
71 број и 15 години континуитет, Интересот на читателите во Албанија, Македонија и дијаспората.

Пред 15 години, на 1 март 2011 година, излезе првиот број на македонскиот весник „Илинден“, како двоен број (март/април). Весникот е издаден од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
До денес, македонскиот весник „Илинден“ има објавено вкупно 71 број, што ја потврдува континуираноста и посветеноста на редакцијата во информирањето на своите читатели. Весникот предизвикува голем интерес кај читателите во Албанија, во татковината Македонија, како и кај македонската дијаспора ширум светот.
Според бројните писма до редакцијата и комуникацијата преку социјалните мрежи, може да се забележи дека во овие 15 години весникот прерасна во сериозен медиум, чиј пристап до читателите станува сè поширок и посистематски.
Од март 2017 година, покрај печатеното издание, „Илинден“ може да се следи и преку веб-страницата www.vesnik-ilinden.com, што го направи весникот достапен за пошироката јавност.
Од септември 2017 година, весникот е стандарден според меѓународните норми за печатени и електронски списанија, со број ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатено).
Од август 2022 година, македонскиот весник „Илинден“ е член на Алијансата за етички медиуми (AEM), платформа која обединува 30 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.
Весникот е исто така дел од најголемите информативни платформи во Македонија: time.mk, grid.mk и vesti.mk.
За сите заинтересирани, сите изданија на „Илинден“ се достапни во:
-
Националната библиотека во Тирана
-
Библиотеката на Собранието на Албанија
-
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје
-
Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп
-
Библиотеката на АНУМ – Скопје
-
Библиотеката „Григор Перличев“ – Охрид
-
Државниот архив на Македонија
Мисијата на весникот останува да го поттикнува и промовира македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Албанија. Редакцијата е убедена дека активностите ќе продолжат да добиваат поддршка од државните институции во Албанија и Македонија, како и од Македонците ширум светот.
Редакцијата на „Илинден“ изразува искрена благодарност до сите соработници и лојални читатели за покажаниот интерес и поддршка.
Весникот дава значаен придонес во промоцијата на македонскиот јазик и афирмацијата на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Албанија, како и во заштитата на нивните национални традиции.
Да нѐ следат уште многу јубилеи!
Со почит,
Никола Ѓурѓај


