ЗОШТО ТРАМП ГО САКА ГРЕНЛАНД – Стратегија или бизнис со недвижности
Од рано предупредување за ракети до ретки минерали, островот станува центар на геополитичка трка

Уште во 2019 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп јавно зборуваше за својата намера Соединетите Американски Држави да го анектираат Гренланд – автономна територија во рамките на Данска и најголемиот остров во светот.
Во тој период, ваквите изјави беа пречекани со потсмев и речиси никој не ги сфаќаше сериозно. Сепак, по инвазијата на Венецуела и апсењето на нејзиниот претседател Николас Мадуро, сценариото за можна воена интервенција и анексија на арктичката територија сега делува далеку пореално. Според аналитичарите, постојат најмалку четири сценарија преку кои Трамп би можел да се обиде да го реализира тоа.
Со текот на годините, Трамп ја менуваше аргументацијата зошто САД имаат потреба од Гренланд. Во најновите изјави тој ја нагласува „националната безбедност“, тврдејќи дека „во регионот има многу кинески и руски бродови“. Во својата книга „Значи, сакате да го поседувате Гренланд?“, аналитичарката за поларна геополитика Елизабет Бјукенен оценува дека ваквата логика е сосема оправдана од американска стратешка перспектива.
Главниот град Нук е значително поблиску до источниот брег на САД отколку до копното на Данска, а американските администрации со децении го сметаат островот за клучна локација за рано откривање и пресретнување на закани кои доаѓаат од североисток.
Според Бјукенен, Гренланд е „совршено позициониран“ не само за системи за рано предупредување од ракетни напади, туку и за потенцијални нуклеарни капацитети за „секундарен удар“ во случај на евентуален конфликт со Русија. Дополнително, САД се сериозно загрижени и за зголеменото присуство на Кина во Арктикот, како и за можноста регионот да стане клучна сцена во глобалната поморска конкуренција меѓу двете суперсили.
Од друга страна, постои и став дека Трамп, како долгогодишен магнат за недвижности, ја гледа територијата пред сè низ призма на сопственост – како уште еден „бизнис со недвижности“. Ваквиот интерес дополнително се поттикнува од огромните природни ресурси со кои располага Гренланд, вклучувајќи ретки минерали, фосилни горива и потенцијални наоѓалишта на нафта.


