Зошто САД ќе го нападнат Иран, а Русија и Кина ќе молчат

Освен се разбира, доколку Иран во последен момент одлучи да ги прифати целосно причините поради кои САД би го нападнале а тоа е власт (актуелната или некоја друга) која би се ставила под целосна американска контрола налик во Венецуела.

Зошто САД ќе го нападнат Иран, а Русија и Кина ќе молчат
Фото: Национал

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Петок, 20 февруари 2026 година

Вест број еден во светот деновиве е потенцијалниот американски напад врз Иран. Моја проценка е дека тоа е реално сценарио кое ќе се случи. Како и секој друг конфликт, постои јавен повод и скриена причина за ваквата одлука.

Поводот за војна, кој јавно ќе биде истакнат е нуклеарната програма на Иран, неговиот недемократски и корумпиран режим, ограничувањата на човековите права и слободи, шеријатското право и слични флоскули. Трамп на крај ќе истакне дека не успеал во обидот со дипломатски чекори да ја реши кризата и дека „немало друг избор освен воената акција“ за да се заштити народот на Иран и светот пошироко. Патем, забелешката за шеријатското право е смешна да не е серизона, ако се земе, на пример, во Саудиска Арабија важечко е построго шеријатско право, таму се слави главниот исламски празник Курбан Бајрам додека во Иран, кој, исто така е исламска земја не се слави како главен празник туку тоа е Персиската Нова Година.

Причината пак за војна, која е зад сцената и не се гледа е посуштествена. Блискиот Исток е геополитичко подрачје од витално значење за САД. Скоро сите земји на ова подрачје (Сирија, Либан, Израел, Палестина, Јордан, Ирак, Иран, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Јемен, Египет, Кипар Турција) се на некаков начин под американско влијание, освен Иран. Воената акција би ја тргнала последната пречка за целосна контрола на регионот и целосното исфрлање на Русија и Кина од ова подрачје. Во скоро сите овие наброени држави во регионот постојат американски воени бази, а најголемата воздухопловна база е во Катар.

Според мене, класична војна во Иран е тешко изводлива поради географијата на Иран кој е опколен со планини што го штитат теренот и оневозможуваат навлегување на копнена војска како и големата територија (Иран има територија колку што имаат Англија, Германија, Франција и Шпанија заедно, скоро како половина Европа).

Според тоа, многу е веројатно американците да одат на варијанта со воздушни напади и паралено да предизвикаат граѓанска војна во Иран за што има добра внатрешна основа и воспоставување на послушна власт со актуелното или ново раководство. Иран брои околу 90 милиони жители кои припаѓаат на различни етнички ривалски групи, од кои 55 отсто се Персијци и дури 45  отсто припадници на други етнички групи (Азери, Курди…) Дополнително, вековните ривалства меѓу Шиитите и Сунитите кои започнале уште во седмиот век по смртта на исламскиот пророк Мухамед како и внатрешните економски проблеми на Иран можат да бидат во прилог на мојата оценка за предизвикување внатрешни конфликти/граѓанска војна.

Поврзано со ова, за американците отежнувачко може да биде исламот како обединувачки фактор, бидејќи, Иран е исламска држава во која со децении доминираат антиамериканските слогани „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“ што можат да ја комплицираат ситуацијата.

Што се однесува до Русија и Кина, тие ќе останат мирни и најмногу што можат да направат е да излезат со соопштенија за осуда на војната и толку. Она што постојано го слушаме дека светот е променет со повеќе центри на моќ и не е баш најточна квалификација. Можеби е поточно да се каже дека менувањето на светот и менувањето на Европа и воспоставувањето на мултилатерална светска структура ама реална, сè уште е во обид и на почетно рамниште.

Во реалноста САД сè уште доминираат – економски, политички и воено. На Русија и е оставено да се занимава со Украина со што остава впечаток на регионална сила. Кина има силен економски продор, но, воено сè уште е ранлива, а најавата за инвестирањето во воена технологија е процес кој би траел триесетина години колку што, на пример, би било потребно и за евентуалното создавање на идна заедничка европска војска што ја најавуваат Англија, Германија и Франција.

Патем, тоа што го гледаме како силење од Иран дека американците ќе зажалат ако го нападнат е само добра претстава која веќе сме ја гледале повеќе пати. Да потсетам, истата тактика сме ја гледале кај Гадафи, Садам Хусеин, Мадуро, Башар ал Асад, Арапска пролет…кои се обидуваа да се спротистават на САД со воинствени пораки дека американците ќе зажалат, ќе бидат збришани ако нападнат… На крај, сите тие паднаа како сојузници на Русија и Кина без нива интервенција.

Американскиот претседател Трамп го сметаат за непредвидлив и дури за несериозен со брзопотезното менување на ставовите, но, се покажува дека тактички игра добро и чекор по чекор ги остварува стратешките американски интереси. Последно, ги навлече на т.н. Монрова доктрина и ги избрка Русите и Кинезите од Латинска Америка со објаснување дека тоа е американски терен ама многу бргу се виде дека аспирациите му се глобални оти простата вистина вели дека Блискиот Исток е вон Монровата доктрина, а патем има и советник за глобализација (овој термин кај Трамп има поинакво значење од тоа што го имаше кај длабоката држава).

Според тоа, во Сирија, Ирак, Либија…и други се извршени посакуваните промени со поставување на американски марионетски водства и сега им штрчи Иран кој едноставно мора да биде ставен под контрола. И затоа сметам дека САД ќе го нападнат Иран и ќе успеат во своите цели бидејќи се супериорни во секој поглед во однос на Иран, додека Русија и Кина ќе останат на страна.

Освен се разбира, доколку Иран во последен момент одлучи да ги прифати целосно причините поради кои САД би го нападнале а тоа е власт (актуелната или некоја друга) која би се ставила под целосна американска контрола налик во Венецуела.

Сведоци сме како Трамп во Белата куќа гледа директен пренос од војните што ги води САД, но, за читателите да кажам дека сето тоа е резултат на претходна перфектна подготовка на американските разузнавачки служи кои подолг период се на терен во Иран. Клучни се шпионските служби и во моментот кога тие ќе го известат Трамп дека сцената е поставена како што треба, тогаш следува наредбата од Трамп за почеток на воените операции, па следува сликање, прес конференции…Останатото е историја.

За крај, да не бидам погрешно разбран, сакам да нагласам дека не оправдувам војна и пишувам исклучиво низ призмата на суровата реалност на меѓународната сцена, без намера за морализирање. Лично, не ја посакувам војната, особено за Иран. Иран, уште на почетокот не призна под уставното име – Република Македонија и секогаш имал пријателски однос кон Македонија. Лично се уверив во тоа преку средбите со тројца ирански амбасадори во Македонија, кои ги остварив во својство на претседател на партијата Единствена Македонија.

Меѓутоа, од друга страна мора да се почитува и другата реалност дека САД се нашиот стратешки партнер и важно за Македонија при градењето на надворешната политика е 1. да има реална слика за меѓународната сцена 2. меѓународното право дава можност малите држави да остварат свои интереси и 3. да се избори за сојузници со кои се поклопуваат македонските интереси, дотолку повеќе, мене не ме интересира дневна политика туку моите активности се исклучиво само и единствено низ призмата на одбрана и заштита на македонските национални и државни интереси. На пример, Македонија во согласност со меѓународното право може да им ја одземе важноста на договорите со Грција и Бугарија и за тоа сигурно нема да биде воено нападната од било кој. Само треба една похрабра надворешна политика, изработка на солидна правна стратегија и жестоко лобирање кое е работа на дипломатијата.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This