Зошто македонските универзитети ги нема во првите 500 или 1000 универзитети во светот

Ништо не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука. Образованието е столбот на државата, какво ни е образованието таква ни е државата.

Зошто македонските универзитети ги нема во првите 500 или 1000 универзитети во светот
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Недела, 01 март 2026 година

Последниве години на оваа тема сум пишувал повеќе пати, но како да немаше никаков слух и интерес од надлежните институции, почнувајќи од повеќе влади, МОН, Собранието на Република Македонија како основач на јавните универзитети  и други субјекти.

Во сериозни, нормални и правни држави, кога се појавуваат и се објавуваат светски рангирања на универзитети нивните научни  достигнувања, а ако тие достигнувања не ги исполнуваат и реализираат образовните и научните достигнувања, а се загрижувачки, тогаш таа држава го вклучува алармот за  состојбите на образованиети и свикува „вонредна состојба“ и расправа за настанатата состојба во образованието во државата и се бара  и се сноси одговорност.  Во Република Македонија, во делот на образованието на сите степени, состојбите беа и се’  алармантни. Сите наши македонски влади и надлежните институции, само ги констатираат состојбите во образованието, но не се вклучуваат во нивно надминување и решавање на истите, нема одговорност, нема расправа за истите, иако согласно законите постојат надлежни институции. Но, истите институции ги интересира и предмет на интерес се личните интереси, профит, јавни тендери, односно образовен криминал и корупција.

Затоа, останува  Влада и другите партнери во владата, сериозно треба да се позанимаваат со главниот столб ОБРАЗОВАНИЕТО и НАУКАТА, на сите степени, да се проанализираат состојбите. Што значи образованието за државата?. Како што ќе рече: Бенџамин Френклин: „ Инвестицијата во знаењето дава најдобри камати“. Од овие причини образованието треба да биде предмет на проучување, истражување и валоризирање во сите степени и сегменти кој ќе дојдат до релевантни податоци дека постојано се менува, постојано е пред нови предизвици кои бараат да се следат и имаат предвид во неговото реформирање, иновирање, и трансформирање. Или  како што вели големиот Нелсон Мандела: „ Образованието е најмоќното  оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.

Последните светски рангирања на нашите македонски универзитети

Ако за 2024 година, према, Центарот за рангирање на универзитети во светот (CWUR),   од 2000 најдобри универзитети во светот, најдобриот наш универзитет „Свети Кирил и Методиј (УКИМ) е рангиран на 1990-то место.

Од соседството: Србија има 4 (четири) високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив најдобро рангиран е белградскиот универзитет, кој се наоѓа на 376 место, што е пад 14 позиции во однос на  (2023), а на листата се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Од Бугарија се рангирани 2 (два) универзитети, додека пак Грција  е на листата со 12 универзитети, Хрватска со 4 универзитети.

На листата нема ниеден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и БИХ.

Најдобри рангирани универзитети се утврдени универзитетите: Харвард, МИТ, Стенфорд (САД),  Кембриџ и Окстворд (Велика Британија)

Додека, за 2025 година, према Центарот за рангирање на универзитети во светот (CWUR), од објавената листа со 2000  најдобри универзитети во светот   на неа не се најде ниеден универзитет од Македонија.

Од вкупно над 21 000 евалуирани високообразовни институции ширума светот, Македонија за 2025 година е без преставник на престижната листа.

CWUR ги оценува универзитетите според четири главни критериуми: образование,  вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перфонманси. Ова рангирање важи за едно од најобјективните во светот, бидејќи не се базира на анкети, ниту бара пријавување од страна на универзитетите.

Од земјите од регионот најдобро рангиран е Националниот и  Каподистриасов универзитет во Атина на 287 место. На листата има 11 грчки универзитети. Србија  се најде на листата и тоа со четири државни универзитети. Покрај Белградскиот универзитет кој е на 354 место, на листата се и Универзитетот во Нови Сад и Крагуевац. Бугарија, има два универзитета, на листата, од кои подобар е универзитетот во Софија на 1048 место. Универзитетот Љублана е еден од двата словенечки универзитети што се најдоа на листата и тој е рангиран на 440 место, универзитетот Марибор се најде на 1220 позиција. Хрватска има три универзитета меѓу најдобрите рангиран е Универзитетот во Загреб, кој се најде на 516 место. На листата нема универзитети од Македонија, Албанија, Kосово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Како и секогаш, најдобро рангирани се петте универзитети во светот се Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите американски држави, Кембрич и Оксфорд од Велика Британија.

Зарем ова не е загрижувачко. Каде се надлежните институции?

Сакам да повторам и истакнам  дека загрижен сум од моите констатирани  пишувани анализи, колумни за образованието од непревземање активни мерки на институциите. Неминовно беше и  е да се преземаат конкретни мерки и активности за образованието, науката, истражувањата и иновациите?!  Што и како работеше и работи поставената Агенција за квалитет за високото образование и нивните Одбори за акредитација и евалуација? Зошто не си ја извршуваат професионално и совесно својата работа?!. Практичното (не) функционирање на Националниот совет за високо образование! Зошто со години нема никаква Собраниска расправа и одговорност за ваквата загрижувачка  состојба?!.  Секако, е  одговорноста  на  сите министри досегашни за образование и наука, (не) професионалната работа на Државниот просветен инспекторат, Собранието на Република Македонија кој е основач на јавните универзитети. Анемична е и  највисоката Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) –  што треба да креира стратегија и излез од овој наш бродолом  во високото образование и наука на нашите универзитети. Има многу прашања, но нема професионален и одговорен однос на институциите. Останува надлежните институции Владата, Собранието како основач на јавните универзитет во Република Македонија на овој план да направат промени и трансформирање на институциите и носење на одговорности со нови професионaлни и стручни наставно-научни кадри и да се води стратешка образовна политика, а не да доминира политика во образованието како што е македонската институционална практика.

Излезни решенија  што треба да се преземат

  • Високото образование не е само административен систем. Тоа е еден од клучните столбови на општеството: таму се создаваат идните лекари, инженери, наставници, правници, уметници, научници. Таму се гради интелектуалниот капитал на државата. Затоа секоја законска промена во оваа сфера мора да биде внимателна, инклузивна и далековида.
  • Предлог-законот за високо образование 2026г., објавен на јавна расправа, отвора токму такви прашања. Наместо да влеземе во полемика со страсти, потребно е да поставиме неколку мерни, правно аргументирани дилеми:дали предложените решенија се во согласност со Уставот?; дали се во духот на европските стандарди?;  дали создаваат еднакви можности во академската кариера?, и најважно, дали носат напредок или создаваат нови затворени кругови?

Што покажуваат компаративните анализи

Од компаративниот пример за избор  во академско наставно-научно звање од членот 161 став 1 од предлог ЗВО се согледува дека не е во духот на европските стандарди. Пример:

  • Во Германија,  изборот во академски звања е врзан за научната продукција по докторирањето и за наставната способност, но законите не пропишуваат фиксен „асистентски стаж“. Универзитетите имаат автономија да поставуваат критериуми преку свои правилници.
  • Во Холандија, академската кариера е отворена и мобилна: докторант кој има релевантни публикации може да конкурира и без формално исполнување на однапред законски дефиниран стаж. Таму системот се заснова на принципот на „отворен академски пазар“, а не на затворени институционални патеки.

Законската обврска за тригодишен стаж како асистент создава затворен круг: докторантот мора да биде дел од системот за да напредува во системот. Тоа може да доведе до ограничување на академската мобилност – особено за лица што докторирале во странство или работеле надвор од традиционалниот универзитетски пат.

Просекот како трајна судбина?

Условот за минимален просек од 8.00 од додипломски студии отвора уште една дилема. Дали оценката добиена пред две децении треба да биде пресудна за академска кариера денес? Научниот интегритет и продукција по докторирањето претставуваат вистинската мерка за академска зрелост. Затоа во повеќето европски законодавства ваков законски праг не постои.

Во прилог  на линкот до Законот за високо образование на Хрватска, ни таму нема услов за доцент просек од студии ( https://narodne-novine.nn.hr/ clanci/sluzbeni/2022_10119_1834.html),  ниту во Законот за високо образование на Црна Гора не се бара просек, ниту  во Бугарија, ниту во Грција, Турција, но затоа има во законот во Србија, што значи  поднесителите на  овој   предлог на ЗВО 2026 го превзеле   теркот на Србија.

Компаративен пример: Австрија и Франција

Во Австрија, изборот во академски звања се заснова на научни резултати, меѓународни проекти и наставно искуство. Никој не прашува за просекот од основни студии како законска бариера.

Во Франција, критериумите за избор се поставуваат преку национални академски тела и универзитетски комисии, но не постои законски праг за студентски просек. Академската зрелост се мери преку научниот придонес, не преку минатите оценки.

Принципите на Болоњската декларација и европската универзитетска автономија нагласуваат дека академското вреднување треба да биде динамично и насочено кон научниот придонес, а не кон формални „историски показатели“.

Општествената последица: затворање на системот

Кога државата поставува законски бариери што не се европска практика, таа испраќа порака дека системот не се отвора, туку се затвора. А затворен систем значи: помала конкуренција, помала мобилност, помал прилив на кадар од странство, поголем ризик од „академска кастинска структура“.

Во време кога Македонија се соочува со сериозен одлив на мозоци, прашањето е: дали можеме да си дозволиме закон што дополнително ќе ги обесхрабри младите научници?

Потреба од усогласување

Со цел да се зачува европската ориентација на македонското високо образование, сметам дека е разумно: да се преиспита законската обврска за задолжителен асистентски стаж; да се разгледа изземање на просекот како законски критериум и да се препушти на институционална автономија. Овие предлози не се насочени против квалитетот – напротив, тие се насочени кон негово попрецизно и правично дефинирање.

EУA и автономија

Европската универзитетска асоцијација (EУA) во својот документ „University Autonomy Scorecard“ (2017)нагласува дека кадровската автономија е суштински елемент на современото високо образование. Универзитетите треба самостојно да ги утврдуваат критериумите за избор и напредување во академските звања, додека улогата на државата е да постави општа рамка, а не да воведува законски бариери што ја ограничуваат институционалната слобода.

Болоња и мобилност

Во духот на Болоњскиот процес и Европскиот простор на високо образование (EHEA), академските кариери во Европа се темелат на мобилност, отвореност и вреднување според научни резултати по докторирањето. Законски услови како задолжителен студентски просек или фиксен асистентски стаж се ретки во земјите членки на ЕУ и можат да создадат затворен систем што не е во согласност со европските принципи на конкурентност и еднаков пристап.

Како е воспоставен Законот за високо образование и научна дејност на Хрватска

Во Република Хрватска, високото образование е воспоставен на бинарен систем, тој се заснова на принципите на Болоњската декларација и во кој лицата кои влегуваат  во високото обреазование можат самостојно да изберат дали сакаат да студираат на СТРУЧНИ или  УНИВЕРЗИТЕТСКИ СТУДИИ.

Така што: Стручните студии се првенствено насочени кон пазарот на трудот и првенствено професионалните  компетенции се стекнуваат во нив. Додека  образованието  на универзитетските студии е повеќе теоретско и  насочено кон понатамошно академско образование.

Оваа разлика помеѓу  стручните  и универзитетските студии и видовите  на високообразовните установи овозможуваат регионално зајакнување и зголемена флексибилност на студиските програми, а воедно обезбедува нивен квалитет и усогласеност со потребите на пазарот на трудот.

Универзитетите и стручните студии се спроведуваат на високообразовните установи, кои можат да бидат универзитетски, факултетски,  уметнички, академски  и политехнички училишта. По исклучок, јавни високообразовни установи основани за  потребите на военото високото  и дипломатско  образование  може да се основа  како организациони единици на надлежните органи на државната управа.

Додека, министерството за образование и наука води  официјални регистри на акредитирани високообразовни институции и акредитирани  студиски програми во Република Хрватска.

Дали – предлог Законот за обезбедување на квалитетот во високото образование и наука е плагијат

Предлог закон за обезбедување на квалитетот во високото образование и наука 2026,„донесен од македонските 60 експерти“ кој е  присвоен од хрватскиот закон има сомнеж за плагијат (ZAKON O OSIGURAVANJU KVALITETE U VISOKOM OBRAZOVANJU I ZNANOSTI  (Narodne novine 151/22-na snazi od 01.01.2023).

Тоа значи, дека „ македонскиот предлог Закон за обезбедување на квалитетот во високото образование и наука е плагијат“. Плагијатството е присвојување на туѓо авторство, односно едноставно народно кажано -КРАЖБА.

Доказ-Високообразовните институции во Хрватска се оценуваат преку системот за обезбедување на квалитет кој вклучува внатрешна (институционална) евалуација и надворешна проценка спроведена од  Агенцијата за наука  и високо образование (АЗВО).Таа е заснована на Законот за високо образование и наука и научна дејност(Сл.весник.119/20220) следејќи  ги принципите на Болоњската декларација и Европски стандарди (ESG).

Клучни аспекти на евалуацијата вклучуваат:

  • Реакредитација:постапката со која  Агенцијата утврдува дали високообразовните институции ги исполнуваат законските барања и стандарди за квалитет за извршување на нивните активности.
  • Тематски евалуации: Анализа на специфични делови од системот или институција,
  • Евалуација на научни организации:Индикатори вклучуваат број  на научници, стратешка насока и научни продуктивности,
  • Внатрешен систем нна квалитет:Институциите  мора да имаат сцои механизми за следење и подобрување на квалитетот на наставата и истражувањето,
  • Учество на студентите:Вклучување на студентите во евалуацијата на наставниот процес,
  • Цел:Подобрување на квалитетот, усогласување со потребите на пазарот на трудот и меѓународното признавање.

                    Сомнеж за плагијат-копирање на членови

Закон за обезбедување на квалитет и наука – Македонија Закон за обезбедување квалитет во високото образование и наука – Хрватска
Член 9: Управен одбор Член 34: Upravno vijeće Agencije
Член 25: Иницијална институционална акредитација

 

Член 9 Inicijalna akreditacija visokog učilišta, znanstvenog instituta i studija
Член 26: Иницијална програмска акредитација Член 9 Inicijalna akreditacija visokog učilišta, znanstvenog instituta i studija
Член 27: Редовна надворешна институционална евалуација  

 

TREĆI DIO
VANJSKO VREDNOVANJE KVALITETE
Член 28: Редовна надворешна програмска евалуација

 

TREĆI DIO
VANJSKO VREDNOVANJE KVALITETE
Член 29: Вонредна надворешна институционална евалуација GLAVA IV.
IZVANREDNO VREDNOVANJE
Член 30: Вонредна надворешна програмска евалуација

 

GLAVA IV.
IZVANREDNO VREDNOVANJE
Член 39: Тематска анализа

 

GLAVA V.
TEMATSKO VREDNOVANJE

Зошто македонските студенти ги напуштаат македонските универзитети и се запишуваат на словенечките универзитети?

Клучните причини  за големиот интерес за запишување на македонските студенти   на словенечките универзитети е поради голем број привилегии:

  • Бесплатно студирање:за македонските државјани, додипломските и постдипломските студии на државните универзитети во Словенија се бесплатни. Што е главна предност.
  • Европска диплома и квалитетот: Словенечките универзитети (во Љублана, Марибор,, Приморска) се рангирани повисоко од домашните и нудат  модерна настава, теорија поврзана со пракса и признаени дипломи  во Европската Унија.
  • Можност за работа (студентски сервис): Студентите во Словенија имаат право на работа преку таканаречени  студентски сервиси, што им овозможува самофинансирање на трошоците  за живот.
  • Поповолен животен стандард:Близината, безбедноста, полесното прилагодување (јазик и култура) и подобрата иднина се фактори кои привлекуваат над 3000 македонски студенти во изминативе години.
  • Слаба уписна политика нема:Падот  на интересот за домашен упис се должи на застарени програми и недоволна поврзаност на факултетите  со пазарот на трудот.

Што е потребно:

  1. Да се преиспита донесениот предлог -Закон за високо образование и доставените забелешки од страна на универзитетите од природно-матемаичките области, општествените, химанистичките како и од уметничките области и нивни специфичности и да се усогласат со европските нормативи и законитости   од страна на МОН. Исто така, да се преиспита  предлог Законот за обезбедување на квалитетот во високото образование  кој има сомнеж за плагијат  (90 проценти) од хрватскиот закон.
  2. Да се прилагоди предлог- Законот за научноистражувачка дејност, со европските стандарди.
  3. Универзитетите и нивните единици треба да ги постават целите и задачите во делот на наставата, наставните програми и потребите на пазарот на трудот, наставниот кадар, научната дејност и поставеноста на студентот како активен субјект и партнер во академската заедница.
  4. Неминовна потреба во Република Македонија ( не е направено повеќе од 10 години) од рангирање на квалитетот на факултетите, по студиски програми по универзитети  во јавните и приватните универзитети, поконкретно (во Македонија има над 20 Правни и Економски факултети или факултети по менаџмент…) вршење рејтинг на квалитетот по  студиски програми (Правни, Економски, Медицински, Информатички,Техничко-технолошки, Уметнички, Спортски и слично). Зошто е потребно? Пред се, да се согледа квалитетот на јавните и приватните факултети – насоки или студиски програми, можност идните кандидати – студенти, да се определат и да имаат избор за нивно натамошно образование да се запознаат со  квалитетот на акредитираните студиски програми – потребни за пазарот на трудот, по завршување на  студиите, за додипломски, постдипломски и докторски студии, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично. Вакви искуства има во многу балкански и европски земји. А ние?
  5. Преиспитување на работењето на државниот просветен инспекторат. И нивно  трансформирање?!
  6. Формираниот, а практично (не)функционираниот Национален совет за високо образование, иновации и технологија (Националниот совет) како стручно и советодавно тело на Владата на Република Македонија.
  7. Со нефункционирањето на овој национален совет, нашите универзитети-    факултети, немаат легитимитет кој треба да го потврди за нејзино зачленувањње во европскиот регистер за оценка на квалитетот во високото образование, што го основа групата Е4-European Qvality Assurance Register for Highrr (EQAR)(Европско здружение за обезбедување на  квалитет на високото образование).
  8. Преиспитување на Агенцијата за квалитет на високото образование. Со  Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, раководат партиски поставени  лица. Овие поставени лица наместо да вршат контрола на квалитетот на високото образование, институти, наставен кадар, настава,истите се соучесници на образовниот криминал на високото образование. Одборот за евалуација, како ваше сознание почитувани читатели немаат извршено ниедна евалуација на ниеден универзитет-факултет на нашите универзитети. И затоа не ме изненадува ваквата бродоломна состојба во високото образование и наука. Затоа има неминовна потреба од независна стручна експертска екипа да ја води Агенцијата и поставените Одбори за акредитација и евалуација. Во практиката Одборот за акредитација,  акредитира се и сешто, додека, Одборот за  евалуација (како што истакнав) практично не профункционира, што значи нема проценка, вреднување, правилно оценување. Тогаш немаме контрола и не знаеме со каков квалитет работаат универзитетите-нивните единици. Во кој правец треба да се движaт универзитетите, ако се сака да се има современо квалитетно високо образование на Балканот, Европа и светот.
  9. Само да се напомене, јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската унија тие изнесуваат околу 5 проценти од БДП, а во земјите од регионот  околу 4 отсто, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научно – истражувачка интензивност – учество за вложување за истражување и развој во БДП изнесува  меѓу најниските во регионот. Од  вкупниот Буџет на Република Македонија, за наука во проценти се издвојува по години: во 2014 -0,45%, 2015-0,40%, 2016-0,26%, 2017- 0,24%, 2018-0,15%, 2019-0,14%,2020 – 0,12%, 2021 – 0,16%, 2022 – 0,15%, 2023-0,08% (Извор: Буџет на Република Македонија). За 2024 година Буџетот за наука се движи околу 380 милиони денари, а за   2025 година Буџетот е зголемен за 680 милиони денари. Колку е во проценти нема податоци.

Затоа, ништо не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука.

Образованието е столбот на државата. Какво ни е образованието таква ни е државата.

Во право е големиот Нелсон Мандела кога истакнува: „ Образованието е најмоќното  оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.

CATEGORIES
Share This