ЗИМСКИ САЕМ КНИГА ВО СЕКОЈ ДОМ – Попусти и подароци до 14 февруари

Иницијатива по повод 35-годишнината на „Матица македонска.

ЗИМСКИ САЕМ КНИГА ВО СЕКОЈ ДОМ – Попусти и подароци до 14 февруари
Фото: Принтскрин

„Матица македонска“ ја започна иницијативата „Подари книга, подари свет“, во рамките на одбележувањето на својата 35-годишнина. Иницијативата ќе трае до 14 февруари, а вклучува и Седмица на дарувањето, која се реализира како во книжарницата на „Матица“, така и онлајн, под истото мото.

14 февруари, покрај тоа што се слави како Св. Трифун (симбол на плодноста, трудот и надежта) и како Ден на вљубените – Св. Валентин, е и Меѓународен ден на дарувањето книги. Овој ден е посветен на љубовта кон книгата и читањето. По тој повод, „Матица македонска“ по првпат во Македонија повикува да се одбележи со дарување книги за читатели од сите генерации.

Во рамките на зимскиот саем „Книга во секој дом“, во Седмицата на дарувањето, „Матица“ нуди стотици ексклузивни наслови со попуст од 35 до 80%, идеални за подарок за членови на семејството, саканите, пријатели, колеги, познаници, а особено за децата. Со оглед на тоа што 14 февруари е меѓународен ден на промовирање на љубовта кон читањето, „Матица“ ќе посвети посебно внимание на наслови за деца и млади, охрабрувајќи ги читателите да подаруваат книги и за најмладите.

За време на Седмицата на дарувањето, „Матица“ ќе презентира и повеќе ексклузивни наслови, вклучувајќи нови изданија со јубилеен попуст за сите читатели, како можност за траен подарок за оние што го празнуваат 14 февруари. Со оваа иницијатива, „Матица македонска“ повикува на масовно дарување книги, со цел за првпат во Македонија да се чествува Меѓународниот ден на дарувањето книги и да се подигне свеста дека книгата може да биде најдобриот подарок дури и на денот на љубовта и виното.

„Книгата е љубов што трае. Традицијата е љубов што се пренесува. Дарувањето е љубов што се множи. Оваа недела бидете дел од нашата иницијатива ‘Подари книга, подари свет’ и покажете дека најубавиот подарок е оној подарен од срце“, порачуваат од „Матица македонска“.

Инаку, „Матица македонска“ е првата издавачка куќа во самостојна Македонија и самостојно има донирано најголем број книги до сега, на образовни, културни и научни институции, како во Македонија, така и во странство. Со иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица“ настојува дарувањето книги да прерасне во традиција и да се поттикне љубовта кон читањето кај македонските граѓани.

Годинешното издание на зимскиот саем „Книга во секој дом“ е во полн ек, а Седмицата на дарувањето трае до 14 февруари.

CATEGORIES
Share This