ЖИВОТОТ СЕ ПОСКАП минималните трошоци за едно семејство пораснаа за речиси 800 денари за еден месец
Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јуни се зголемени за 790 денари во споредба со мај, покажуваат најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Според анализата на ССМ, синдикалната минимална кошница во јуни достигна вредност од 64.698 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадрати, трошоците се искачуваат на 80.073 денари.
Особено загрижувачки е растот на цените на храната и пијалоците. Само за овие основни потреби, едно семејство во јуни имало потреба од 23.167 денари, што претставува зголемување од 733 денари во однос на мај.
„Имајќи ги во предвид горенаведените податоци, евидентно е дека откако завршија активните владини мерки, вредноста на синдикалната минимална кошница за два месеци е зголемена за 2.007 денари, додека кај храната и пијалоците има зголемување од 1.678 денари“, велат од ССМ.
Сојузот уште еднаш предупредува дека животниот стандард на работниците и нивните семејства е под сериозен удар, особено во услови кога платите не ги следат инфлаторните движења. Оттаму апелираат до новата влада итно да преземе конкретни мерки за заштита на стандардот, преку зголемување на минималната плата, контрола на цените и социјални програми.


