ЖЕНЕВА ВО ФОКУС – САД и Украина се пофалија со продуктивни разговори за мировниот план со Русија
Преговорите во Женева се оценети како „исклучително продуктивни“ и ќе продолжат наредните денови.

Преговорите меѓу САД и Украина за мировен план за завршување на војната со Русија се во тек во Женева и се одржуваат на две локации: прелиминарните разговори во хотелот „Интерконтинентал“, а формалните во зградата на американската мисија.
Украинската делегација ја предводи началникот на кабинетот на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак, а американската делегација ја сочинуваат државниот секретар Марко Рубио, секретарот на армијата Ден Дрискол, Џаред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф.
По тридневни преговори, двете страни објавија заедничко соопштение дека разговорите биле „исклучително продуктивни“ и дека ќе продолжат наредните денови. Новата верзија на мировниот план вклучува посилни безбедносни гаранции за Украина и, според Белата куќа, ги одразува националните интереси на Киев.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека постигнале значителен напредок во последните четири дена и дека претседателите ќе треба да се согласат за конечниот договор. Тој додаде дека некои од одложувањата се должат на потребата од одлуки „на повисоко ниво“.
Постојат и дискусии за можноа посета на украинскиот претседател Зеленски на Вашингтон уште оваа недела за директни разговори со Доналд Трамп за најчувствителните прашања, вклучувајќи територијални прашања. Зеленски на социјалните мрежи изјави дека „тимот на Трамп ги слуша“ и дека дипломатските активности се добро дојдени.
Дополнително, Скај њуз известува за европски контрапредлог кој вклучува 28 точки, со клучна точка за постепено враќање на Русија во глобалната економија и повторна покана во Г8, под услов сите страни да се согласат со планот и Г7 да го одобри.
Преговорите во Женева продолжуваат и денес, а американската страна нагласува дека дискусиите засега се водат врз основа на американскиот предлог, без да има европски контрапредлог како основа.

