ЗГОЛЕМЕНА ПОБАРУВАЧКА ЗА СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ – 420.000 во Германија во 2025 година
Квотата за дозволи е надмината што значи дека 18.000 барања се одбиени во 2025.

Според податоците на Агенцијата за вработување на Германија, во јуни 2025 година, околу 420.000 работници со обврска за плаќање придонеси за социјално осигурување имале дозвола за престој или населување во земјата врз основа на нивното вработување. За споредба, во 2020 година оваа бројка изнесувала малку над 200.000. Приближно половина од овие работници дошле во Германија со Сина карта на ЕУ.
Законот за квалификувана имиграција, кој стапи на сила на 1 март 2020 година, воведе бројни олеснувања за странските работници, што придонесе за значително зголемување на бројот на мигранти.
Барањата за минимален приход за добивање на Сина карта беа намалени во 2023 година, што овозможи повеќе странски работници да ја добијат. Денес, над 164.000 работници од земји надвор од ЕУ поседуваат Сина карта, што претставува раст од 114% во споредба со 2020 година.
Зголемениот интерес за работа во Германија се рефлектира и во порастот на барањата за информации. Агенцијата за вработување нуди дигитални консултации за странски лица, а до крајот на 2025 година се реализирани вкупно 360.000 консултации.
Покрај општите прашања, Агенцијата нуди и совети за признавање на квалификациите пред доаѓањето во Германија. Во 2025 година, биле спроведени 23.600 консултации за професионално признавање.
Околу една четвртина од работниците со дозвола за престој или населување потекнуваат од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Тие се опфатени со Уредбата за Западен Балкан, која од 2016 година им овозможува полесно да најдат работа во Германија.
Во 2024 година, годишната квота на дозволи за пазарот на трудот за овие земји беше зголемена на 50.000, но побарувачката многу ја надминува понудата. Во декември 2025 година, Агенцијата мораше да отфрли околу 18.000 барања поради надминување на квотата.


