ЗЕЛЕНСКИ ВО НОВА МИСИЈА ВО СИРИЈА – Се отвораат можности што можат да го променат регионот
Украинскиот претседател откри како соработката со Сирија и Турција може да ја промени иднината.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа ја посети Сирија, каде што се одржаа трилатерални разговори со делегациите на Сирија и Турција. На состанокот беа разгледани безбедносни, економски и регионални прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата околу Иран, како и последиците од војната во Украина.
Зеленски, пренесува „Укринформ“, истакна дека целта е градење нови односи и проширување на соработката за зајакнување на безбедноста.
„Градиме нови односи, нови можности и ја прошируваме соработката заради безбедноста“, напиша Зеленски на Фејсбук.
Разговорите опфатија теми од областа на безбедноста, одбраната, регионалните случувања, енергетиката и инфраструктурата. Зеленски додаде дека ќе продолжат заедничките активности во сферата на безбедноста на храната, како и преговорите за надминување на последиците од војната предизвикана од Русија.
Претседателот им се заблагодари на сириските граѓани за топлото добредојде и потсети дека Украина беше една од првите земји што ја поддржа „новата Сирија“ по падот на режимот на Башар ал-Асад.
„Подготвени сме да продолжиме да ја поддржуваме стабилноста и развојот. Ќе работиме уште повеќе заедно за да ги направиме нашите нации и држави посилни, како и нашите економии“, додаде Зеленски.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, истакна дека посетата и трилатералниот состанок Украина-Сирија-Турција, со сирискиот министер Асад Хасан ал-Шејбани и турскиот министер Хакан Фидан, како и разговоирте на Зеленски со сирискиот претседател Ахмад Ал Шара се „историски и значајни за сите три земји“.
