ЗБОГУМ НА ПОЕТОТ НА ДОБРИНАТА На 95 години почина писателот Цане Андреевски

Посебно место во неговиот опус заземаат и биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин, кои претставуваат вреден прилог кон македонската културна историја.

ЗБОГУМ НА ПОЕТОТ НА ДОБРИНАТА  На 95 години почина писателот Цане Андреевски
Фото: ДПМ

Во 95-тата година од животот, денеска во Скопје почина писателот, поетот и долгогодишниот културен деец Цане Андреевски.

Роден во 1930 година во Кратово, каде што го завршил основното образование, Андреевски подоцна продолжил со школување во Скопје, каде дипломирал на Учителската школа и на Филозофскиот факултет.

Кариерата ја започнал како новинар, учествувајќи во уредувањето на детски списанија и весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век го поминал во Радио Скопје. Таму бил уредник на Културната редакција и заменик-директор, оставувајќи длабоки траги во македонската медиумска и културна сцена.

Андреевски припаѓаше на постарата генерација македонски книжевни автори и беше препознаен како „поетот на добрината“. Неговото творештво опфаќа поезија и проза за деца и возрасни. Меѓу најпознатите дела за деца се: Сончева порака (1951), Што има ново (1959), Планета со петел (1976), Шинато уво (1989); расказите Јаготки (1955), Нашите први учители (1982), Дарби (1990), Белата мечка, синиот кит и другите (1998), и Малата голема точка (2005).

Во доменот на поезијата за возрасни, значајни се збирките Добрина (1956), Свечености (1964), Сребрен поток (1969) и Врски (1982). Во 2007 година тој беше еден од првите македонски автори што се обиде во хаику-жанрот, со збирката Дождот.

Посебно место во неговиот опус заземаат и биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин, кои претставуваат вреден прилог кон македонската културна историја.

Цане Андреевски е добитник на бројни награди, меѓу кои: „Кочо Рацин“, наградата на РТВ Скопје, признание на Струшките вечери на поезијата, како и „Книжевен жезол“ во 2016 година.

Последна почит ќе му биде оддадена во понеделник, на 7 јули, во капелата на градските гробишта Бутел, од 10:00 до 10:30 часот.

CATEGORIES
Share This