Обвинителството побара доживотна затворска казна за четворицата обвинети за убиствата на дванаесетгодишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кои ја потресоа јавноста кон крајот на 2023 година.
Во завршните зборови на судењето, обвинителката Ана Стоилковиќ Димитровска побара најстрога казна за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, посочувајќи дека делото е извршено на особено свиреп и безмилосен начин, без никакви олеснителни околности.
„Ниту една казна нема да биде доволна за семејствата на жртвите“, истакна Димитровска пред судот.
Таа детално ја образложи сериозноста на делото, нагласувајќи дека обвинетите внимателно ја слушале малолетната Вања додека се обидувала да им објасни каде можат да ги најдат парите – пред да и го одземат животот со еден куршум.
„Двете убиства се извршени со особена бруталност и со јасна намера. Затоа, Судот треба да ја има предвид не само тежината на делото, туку и начинот на извршување и непоколебливоста на обвинетите. Нема ниту една околност која може да се смета за олеснителна. Сите обвинети се родители или членови на семејни заедници, а посегнале по нешто што е најсвето – животот на едно дете“, рече обвинителката.
Обвинителството и понатаму стои на ставот дека Александар Ѓорчевски, татко на Вања, е вмешан во планот за грабнувањето на својата ќерка.
Правните застапници на оштетените семејства целосно ги поддржаа завршните зборови на Јавното обвинителство и барањето за доживотна казна затвор за четворицата обвинети.
Исто така, правните застапници на семејствата побараа и судот да им одобри имотно-правно побарување за нанесена нематеријална штета, без да ги упатува во граѓанска постапка. Тие истакнаа дека тоа би значело дополнителна траума за семејствата на жртвите.
Полномошничката на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, поднесе барање за отштета, приложувајќи медицинска документација за претрпена психичка болка. Судијата, сепак, не дозволи да биде прочитано писмото на Зорица, но адвокатката пренесе дел од нејзините зборови во завршниот збор.
„Кога ќе слушнев за нешто вакво во светов, на ќерките им велев дека ова во Македонија го нема. Но се случи – токму мене, на моето најмило. Никој родител не смее да го доживее ова. Вања беше живот, со очи, со глас, со планови…“, беа дел од потресните зборови на мајката Зорица, пренесени преку нејзината адвокатка.
Семејството Ѓорчевски побара солидарна исплата на надоместокот од страна на сите обвинети, истакнувајќи ја непроценливата загуба и трајните последици што ги претрпеле.
Полномошникот на семејството Жежовски исто така го поддржа обвинителниот акт и побара правичен надоместок во рамките на оваа постапка.
„Судот треба да направи сè за вакви дела да не се повторат во нашата земја“, изјави тој.
Ќерките на убиениот Панче, Македонка и Ана, исто така се приклучија кон кривичниот прогон и побараа имотно-правна сатисфакција.
Следните рочишта се закажани за 18 и 20 јуни, кога ќе продолжат завршните зборови, овојпат од страна на обвинетите: Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.
Судењето продолжува, а јавноста со внимание го следи исходот од еден од најтрагичните случаи во поновата македонска историја.
