ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА МАНЕВ Палевски ги уби Панче и Вања со перниче ние сакавме да ги спасиме
На претходното рочиште, Јавното обвинителство побара доживотни казни затвор за сите обвинети - Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судскиот процес за двојното киднапирање и свирепи убиства на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, извршени во ноември минатата година.
Во својот завршен збор, обвинетиот Велибор Манев повторно тврдел дека заедно со Боре Видевски верувале дека ја киднапираат возрасна жена, која, според нив, претходно била следена од првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. Тој, наводно, ѝ ги познавал навиките и ја набљудувал.
Адвокатот на Манев, Горан Бошевски, во детално излагање ги опиша двете кривични дела. Тој тврдеше дека токму Видевски бил оној што ја фатил Вања за рака и ѝ залепил лента на устата, пред да биде ставена во вреќа, а потоа во гепекот од старо возило „Ситроен“, кое било украдено од веќе убиениот Жежовски.
„Кога ја отворивме вреќата, видовме училишен ранец. Палевски ѝ ја тргна лентата од устата на ‘жената’, и тогаш сфативме дека е дете. Ја праша за нејзините родители, ја фотографираше со вперен пиштол. Сакавме со Боре да ја ослободиме, но Палевски зеде перниче и ја застрела во главата“, читаше адвокатот од изјавата на Манев.
Потоа се вратил до возилото, донел копач и лопата и им наредил на Манев и Видевски да ископаат дупка, изјави адвокатот.
Адвокатот на обвинетиот Велибор Манев, Горан Бошевски, во завршните зборови истакна дека неговиот клиент постапувал по наредби од првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо.
Според одбраната, Манев добивал инструкции за грабнувањето на велешкиот пензионер Жежовски, кого го познавал од порано. Заедно со Боре Видевски, претходно ја ископале земуницата во која подоцна бил пронајден закопан Жежовски – локација што самиот Манев ѝ ја посочил на полицијата.
Адвокатот наведе дека денот на грабнувањето бил среда. Палевски, користејќи „моторола“, им наредил да влезат во домот. Прв влегол Манев, кој го турнал Жежовски, додека Палевски го зел телефонот и го фрлил во дол. Жртвата потоа била пренесена со две возила до земуницата. Таму, според одбраната, Манев го видел Палевски како пука кон Жежовски.
Кога го прашал зошто го направил тоа, Палевски му одговорил: „Да не расипуваме сега пријателство“.
Бошевски истакна дека неговиот клиент не е одговорен за убиствата и побара ослободителна пресуда за него.
На претходното рочиште, Јавното обвинителство побара доживотни казни затвор за сите обвинети – Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
Обвинет во случајот е и Александар Ѓорчевски, татко на Вања, под сомнение за соучесништво во грабнувањето на неговото дете, што тој категорично го негираше.
Судењето продолжува со завршниот збор на обвинетиот Боре Видевски.


