ЗАВРШЕНА ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ 46 лица осомничени, меѓу нив и 14 полицајци

Следува период во кој одбраната ќе има можност да изврши увид во доказите и да предложи свои докази.

ЗАВРШЕНА ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ 46 лица осомничени, меѓу нив и 14 полицајци
Фото: Национал

Основното јавно обвинителство Кочани ја заврши истражната постапка за трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“, со која се опфатени 46 осомничени лица за „Тешки дела против општата сигурност“, согласно член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Како што соопштија од обвинителството, во истрагата учествувале 13 обвинители од Кочани, Скопје, Штип и Куманово. Тие презеле обемни активности за прибирање на докази со цел расветлување на околностите што довеле до трагичниот настан.

Во рамките на истражната постапка, извршени се бројни вештачења, меѓу кои градежно, хемиско и графолошко, како и детални обдукции на жртвите и проценка на повредите кај преживеаните. Обвинителството прибра и значајна документација и материјални докази од местото на настанот и други локации, а податоци се извлекувале и од електронски уреди – компјутери и мобилни телефони – кои се анализирале и вкрстувале со останатите информации.

Во текот на истрагата биле распрашани околу 400 сведоци и оштетени лица, како и сите осомничени. Паралелно, Управата за финансиска полиција извршила проверки во врска со работењето на клубот, по насока на јавниот обвинител.

Посебно внимание е посветено и на постапките на полициските службеници. Прибраните докази за нивната евентуална одговорност ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, каде Специјализираното одделение веќе води истрага против 14 полицајци. Овој дел од постапката ќе продолжи и понатаму, со цел целосно расветлување на сите факти и околности.

Следува период во кој одбраната ќе има можност да изврши увид во доказите и да предложи свои докази. По завршување на оваа фаза, ќе биде донесена конечната јавнообвинителска одлука за секој од осомничените поединечно. Од Обвинителството најавуваат дека, доколку се појават нови индиции за други сторители, истрагата ќе се прошири.

CATEGORIES
TAGS
Share This