ЗАВРШЕН ЗБОР НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЗА ХОРОРОТ Вања убиена за некој друг да слави свадба

Судот ја слушна завршните зборови и пресудата се очекува во наредните денови.

ЗАВРШЕН ЗБОР НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЗА ХОРОРОТ Вања убиена за некој друг да слави свадба
Фото: Национал

Четворицата обвинети за монструозното киднапирање и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, го извршиле злосторството ладнокрвно и пресметано – со единствена цел: материјална корист.

Ова го истакна обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска во завршниот збор на судењето кое ја потресе македонската јавност. Таа рече дека обвинетите – Велибор Манев, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Љупчо Палевски – подолго време го планирале злосторството, убедени дека никогаш нема да бидат откриени.

„Со парите од Вања сакале да обезбедат свадби и погодности за своите деца. Сами имаат семејства, но покажале крајно отсуство на човечност,“ изјави Крстевска.

Според обвинителството, групата најпрвин го таргетирала Панче Жежовски поради неговиот „цитроен“ со голем багажник. Жежовски живеел сам и не можел да пружи отпор. По неговото киднапирање и убиство, телото било закопано, а возилото подоцна запалено.

Со тоа „обезбедиле“ транспорт за следната жртва – Вања.

Шокантно, како што тврди обвинителството, информации за движењата на Вања добивале од нејзиниот татко – Александар Ѓорчевски. Тој дури ѝ испратил порака на ќерката да се облече „како за планинарење“, иако до училиштето имало само пет минути пешачење.

На 27 ноември 2023, со однапред испланирана логистика – радио-станици и оставени телефони ја киднапирале Вања и ја убиле неколку часа подоцна.

Првите траги воделе до запалениот „цитроен“. Потоа било откриено и „реното“ кое учествувало во киднапирањето. Клучен бил и обидот на Палевски да избега преку Србија во Турција. Тогаш дел од обвинетите почнале да соработуваат.

Кешишев и Манев ја покажале локацијата на телата, а Видевски го посочил таткото како извор на информации, велат од обвинителството.

Обвинителката откри дека биле избришани снимки од безбедносни камери, а кабелите од видео-системите биле пресечени. Нејасно останува како Александар Ѓорчевски и неговиот пријател Гоце Трајковски имале пристап до камерите и снимките.

Обвинителството бара најстроги казни за сите обвинети, посочувајќи дека се работи за „монструозен чин со цел финансиска корист, во кој жртвите биле избрани студено и пресметано. Следното рочиште е закажано за в среда, на кое е предвидено Обвинителство да продолжи со завршните зборови како и семејството на Панче Жежовски по што ќе следи изрекувањето на пресудата.

CATEGORIES
TAGS
Share This