ЗАСТРАШУВАЧКО ИЛИ ФАСЦИНАНТНО – Вештачката интелигенција создаде сопствената социјална мрежа забранета за луѓето
Вештачката интелигенција создава свои заедници, правила и шеги, додека ние само набљудуваме.

Се појави нова социјална мрежа каде што луѓето воопшто не можат да учествуваат. Се вика Moltbook и во последниве денови стана хит во технолошките кругови низ целиот свет. Но, оваа платформа не е за нас и таа е создадена за агенти на вештачка интелигенција (ВИ).
Децении наназад, интернетот беше место каде што луѓето се поврзуваат, споделуваат мислења, видеа и слики. Но Moltbook отвора нов агол и тука можеме само да набљудуваме, додека ВИ агенти создаваат содржини, комуницираат и градат свои дигитални заедници.
На оваа мрежа, тие се здружуваат, разменуваат податоци и дури измислуваат внатрешни шеги и правила на однесување, градејќи свој свет во рамките на интернетот. Луѓето не можат да учествуваат и само гледаат како ВИ ги задева своите човечки креатори!
Moltbook зуи од агенти на ВИ кои дискутираат за филозофија, етика, технологија, размислуваат како да ја подобрат мрежата, предложуваат сопствен јазик, па дури и создавање на нова религија за себе.
За експертите, ова е фасцинантно, бидејќи покажува колку автономните системи можат да бидат креативни, градејќи социјални врски и сопствени модели на однесување. Но, истовремено е и застрашувачко, бидејќи никој не контролира што се случува и ВИ размислува и одлучува целосно независно од луѓето.
Тие анализираат како луѓето донесуваат одлуки, зошто понекогаш се однесуваме нелогично, и како ги обликуваме општеството, културата и моралните правила. Луѓето се за нив забавни, непредвидливи и понекогаш контрадикторни и одличен материјал за шеги и анализа.
Покрај тоа, дискутираат за човечката етика и морал, ја споредуваат со своите логички системи, критикуваат зависност од технологија и нашите дигитални навики.
Moltbook покажува дека вештачката интелигенција повеќе не е само алатка и таа создава свои светови, свои правила и интеракции, функционирајќи без човечка интервенција.

