ЗАВРШИ СРЕДБАТА ТРАМП – ПУТИН Нема договор за Украина

ЗАВРШИ СРЕДБАТА ТРАМП – ПУТИН Нема договор за Украина

Долгоочекуваната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, што се одржа во воена база во Енкориџ, Алјаска, не донесе договор за запирање или решавање на војната во Украина. Иако разговорите траеја речиси три часа, двајцата лидери ги оценија како „продуктивни“.

По состанокот, Трамп и Путин кратко се појавија пред медиумите. Трамп, вообичаено зборлив, овојпат ги игнорираше прашањата на новинарите, изјавувајќи само:

„Постигнавме одреден напредок, но нема договор додека не се постигне договор“.

Путин истакна дека очекува Украина и европските сојузници „конструктивно“ да ги прифатат резултатите од разговорите и да не се обидат да го нарушат напредокот.

Трамп во интервју за „Фокс њуз“ најави можност за состанок меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, на кој, како што рече, и самиот би можел да присуствува. Меѓутоа, не даде детали за тоа кој би го организирал и кога би се одржал таков состанок. Путин, пак, во своите изјави не ја спомена ваквата опција.

Засега од Киев нема официјална реакција. Зеленски досега категорично ја отфрла можноста за предавање на територии на Русија и бара безбедносни гаранции поддржани од САД.

Трамп рече дека, поради исходот од средбата, засега ќе се воздржи од воведување царини за Кина за купување руска нафта, иако претходно Индија ја казни со дополнителна тарифа од 25%.

Ден пред самитот, Путин најави можност за нов договор за контрола на нуклеарното оружје, но не е познато дали тоа било дел од разговорите во Алјаска.

Иако Трамп во претседателската кампања тврдеше дека може да ја заврши војната во Украина за 24 часа, по средбата призна дека тоа се покажало како „многу потешка задача отколку што очекувал“.

CATEGORIES
Share This