ЗАПОЧНУВААТ ИЗБОРНИТЕ ДЕЈСТВА – ДИК ги усвои роковите за Локалните избори 2025
Листите на кандидати се поднесуваат најдоцна до 13 септември до полноќ во општинските изборни комисии.

По распишувањето на локалните избори, ДИК на 128-та седница ги усвои роковите за сите активности поврзани со Локалните избори.
Првиот круг од изборите за градоначалници и членови на советите во 80 општини и во Град Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг ќе биде на 2 ноември, само во општините каде што нема победник во првиот круг.
Изборната кампања за првиот круг почнува на 29 септември во 00:00 часот и трае до 17 октомври до полноќ. Кампањата за вториот круг ќе трае до 31 октомври до полноќ.
Од денот на распишување на изборите (8 август), ДИК ќе побара од Министерството за внатрешни работи да го ажурира Избирачкиот список, а МВР ќе треба да достави податоци во рок од 48 часа.
Јавен увид во Избирачкиот список ќе има од 23 август до 11 септември, кога граѓаните ќе можат да ги проверат своите податоци во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември.
Листите на кандидати се поднесуваат најдоцна до 13 септември до полноќ во општинските изборни комисии. Жрепката за редоследот на кандидатите на гласачкото ливче ќе се одржи најдоцна до 25 септември. Предлози за овластени претставници и набљудувачи на изборите можат да се доставуваат до 16 октомври. Кодексот за фер и демократски избори ќе се потпише најдоцна до 27 септември.
Учесниците на изборите со потврдени кандидатски листи мора да отворат трансакциска сметка и да обезбедат Единствен даночен број во рок од 48 часа по потврдувањето на листите од страна на ОИК.
Медиумите имаат право да се регистрираат најдоцна до 12 август до полноќ. Регистрацијата се прави преку посебен службен е-маил на ДИК или лично во архивата на ДИК. До 14 август медиумите треба да ги достават и своите ценовници.
Општините и Градот Скопје најдоцна до 13 август треба да ги објават локациите за поставување реклами (паноа, билборди). Условите за користење на рекламните места мора да се објават најдоцна до 29 август.
Објавување резултати од анкети е дозволено до 13 октомври (за првиот круг) и до 27 октомври (за вториот круг). Описите на гласачките места ќе бидат објавени од ДИК до 18 септември, а општините ќе ги објават на видни места до 3 октомври. Акредитации за домашни и странски набљудувачи, невладини и владини организации може да се достават до 9 октомври.
Немоќните и болните лица можат да се пријават за гласање во домашни услови до 10 октомври преку полномошник. Лицата во куќен притвор треба да се пријават до 14 октомври. Гласањето за овие лица ќе се одржи еден ден пред изборите, на 18 октомври.
ДИК ќе го достави целиот изборен материјал до општинските изборни комисии најдоцна три дена пред изборите. Ден пред гласањето, општинските комисии се должни да го достават материјалот до избирачките места.


