ЗАПОЧНА ВЕЛИКИОТ ПОСТ – Пат кон Воскресението и победата над смртта
Верниците ќе се воздржуваат од мрсна храна и ќе се посветат на молитва, покајание и добри дела

За православните верници од денес започнува Велигденскиот пост, најдолгиот и најстрогиот пост во годината, кој трае шест недели, сè до празникот Воскресение Христово – Велигден, што годинава се одбележува на 12 април.
Овој пост е познат под повеќе имиња, секое со своја духовна смисла. Се нарекува Велигденски пост, бидејќи претставува подготовка за Велигден; Воскресенски пост поради празникот на Христовото воскресение; Пасхален пост затоа што му претходи на Пасха, односно Новозаветната Пасха. Познат е и како Велики пост поради неговото значење, како и Четириесетница, бидејќи трае четириесет дена, од Чист понеделник до Лазарова сабота. Овој период го следи примерот на четириесетдневниот пост на Господ Исус Христос. Наречен е и Чесен пост, бидејќи го опфаќа времето на Христовото страдање и распнување, како и најдолг, најголем и најстрог пост во однос на останатите повеќедневни пости.
Велигденскиот пост има две основни цели. Првата е подготовка на огласените, односно оние што требало да бидат крстени на Велигден, кои во текот на постот се поучувале во верата и христијанскиот живот. Втората цел е духовна подготовка на веќе крстените верници за празникот на Воскресението Христово, темелот на христијанската вера. Христијанството е вера во воскресението, кое му дава смисла и цел на животот.
Велигден е празник на животот и победата над смртта и премин од привременото кон вечното. Тие што живеат со Христа овде, веруваат дека ќе бидат со Него и во вечноста. Затоа постот е време на духовно очистување, соединување со Бога преку молитва, покајание и причестување, евхаристиско заедничарење и благодарење.
Во текот на постот се пости на вода, освен во сабота и недела кога се дозволува масло и вино. Масло и вино се допуштаат и на одредени празници и храмови слави, додека масло се дозволува и на средината на постот и на Велики четврток, поради споменот на Тајната вечера. Риба се јаде само на Благовештение и на Цветници, а на Лазарева сабота е дозволена икра.
Првите три дена од постот, познати како тримери (понеделник, вторник и среда), некои верници доброволно ги поминуваат без храна, што не претставува обврска за сите. Во средата, по Литургијата, тие најпрво вкусуваат светена вода, а потоа се причестуваат.
Велигденскиот пост претставува најстрога форма на воздржување и не само од мрсна храна, туку и од грев, лоши мисли и дела. Тоа е време кога духовното се става пред телесното, време за засилена молитва, добротворство и искрено покајание.
Во овој период не се организираат свадби и не се вршат венчавки, во знак на почит кон духовниот карактер на постот.


