ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА 2025/2026 ЗА 77.800 ОСНОВЦИ И 67.200 СРЕДНОШКОЛЦИ – Вештачката интелигенција влегува во наставата

Со првото ѕвонче денеска започнува учебната 2025/2026 година за вкупно 245.000 ученици – 177.800 основци и 67.200 средношколци. Според податоците од Министерството за образование и наука, оваа година има околу 17.250 првачиња и 17.230 ученици во прва година во средното образование, но бројките сè уште не се конечни, бидејќи училиштата доставуваат нови податоци.
Наставата ќе трае до 10 јуни, освен за матурантите кај кои редовната настава завршува на 15 мај.
Ова е втора учебна година по ред што започнува со обезбедени учебници за сите ученици. Сосема нови учебници има за седмо одделение и за прва година гимназиско образование, поради новите наставни програми. Првпат по седум години, учениците повторно ќе добијат учебници и по странски јазици – англиски, германски, француски и италијански. Над 90% од тиражот е веќе испорачан.
Од оваа година стартува и нов електронски дневник со подобрени перформанси, во кој наставниците ќе можат да внесуваат податоци во секое време.
За првпат, вештачката интелигенција влегува во наставата. Подготвен е сеопфатен прирачник со јасни упатства за наставниците и учениците, со акцент на етичката и ефективна примена на новите технолошки алатки. Исто така, и средните училишта за првпат ќе добијат асистенти, што е значаен чекор кон поголема инклузија.


