ЗАПОЧНА ОДЗЕМАЊЕТО НА ГРЕНЛАНД – Во Конгресот на САД поднесен закон за Гренланд како нова федерална држава
Иницијативата се оправдува со геополитичката закана од Кина и Русија во Арктикот.

Американскиот републикански конгресмен Ренди Фајн поднесе предлог-закон со кој се предвидува анексија на Гренланд и доделување статус на федерална држава во рамките на Соединетите Американски Држави, соопшти самиот пратеник.
Фајн, кој го претставува 6-от конгресен округ на Флорида, информира дека законот е официјално поднесен во Конгресот и има за цел да ја отвори постапката за вклучување на Гренланд како нова американска држава.
Предлог-законот го обврзува американскиот претседател Доналд Трамп да поднесе извештај до Конгресот со детална анализа на потребните измени во федералното законодавство за интеграција на Гренланд во САД.
Во текстот се наведува дека претседателот треба да предложи законски измени што ќе овозможат новостекнатата територија да се приклучи кон Соединетите Американски Држави како држава, со цел да се забрза процесот на доделување државност, откако Конгресот ќе утврди дека уставот на Гренланд е републикански по форма и усогласен со Уставот на САД.
Авторот на иницијативата ја оправдува потребата од ваков чекор со тврдења дека Кина и Русија „агресивно го прошируваат“ своето присуство на Арктикот. Според Фајн, зајакнувањето на американската моќ и безбедност бара решителни и стратешки потези.
Гренланд е дел од Кралството Данска, но американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати изјави дека островот треба да стане дел од САД, повикувајќи се на неговата стратешка важност за националната безбедност.
Трамп одби јавно да вети дека нема да употреби воена сила за воспоставување контрола врз Гренланд, а избегна и директен одговор на прашањето дали за него е поважно зачувувањето на НАТО или контролата врз островот.
Властите во Данска и Гренланд остро реагираа, предупредувајќи ги САД да не се обидуваат да го преземат островот и нагласувајќи дека очекуваат целосно почитување на нивниот територијален интегритет.
Во јануари, земјите-членки на Европската Унија разговараа за можни заеднички реакции доколку американските закани поврзани со Гренланд станат реалност.
Гренланд беше данска колонија до 1953 година. Иако и понатаму е дел од Кралството Данска, во 2009 година доби широка автономија, вклучително и право на самоуправа и самостојно донесување одлуки за внатрешната политика.


