Во Рио де Жанеиро денеска започна 17. самит на земјите од групата БРИКС. Руската делегација на самитот ја предводи министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, додека рускиот претседател Владимир Путин ќе се обрати преку видео врска за време на главната пленарна сесија.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на самитот ќе се разговара за клучни глобални прашања, меѓу кои се мирот и безбедноста во светот, реформата на глобалното управување, продлабочување на политичката, економската, културната и хуманитарната соработка како и за актуелни меѓународни теми.
По завршувањето на настанот се очекува усвојување на заедничка завршна декларација.
Присуството на Путин на самитот е ограничено поради налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) на 17 март 2023 година. Покрај него, обвинета е и детскиот омбудсман Марија Љова-Белова, за наводно “нелегално депортирање” на деца од зоните на конфликт во Украина.
Москва ги отфрла обвинувањата, нагласувајќи дека станува збор за евакуација на деца во безбедни региони. Кремљ категорично ја негира надлежноста на МКС, нарекувајќи ги неговите одлуки правно ништовни.
Ова е прв самит на БРИКС откако Индонезија и уште 10 нови партнер-земји се приклучија кон организацијата. На настанот присуствуваат и претставници на други земји во развој, како и бројни меѓународни и регионални организации.



