ЗАПАЛЕНО ВОЗИЛОТО НА СОПРУГАТА НА ПОЗНАТ БИТОЛСКИ БИЗИСМЕН И ПОЛТИЧАР – Две други возила оштетени
Причините за избувнувањето на пожарот се сѐ уште непознати и се истражуваат. Од полицијата информираат дека е започната истрага за утврдување на околностите и евентуалното намерно палење.

Три патнички возила изгореа ноќта меѓу неделата и понеделникот на паркинг на улицата Леринска во Битола, потврдија од СВР Битола. Според првичните информации, огнот избувнал околу 20 минути по полноќ, а пожарот започнал од „Тојота хибрид“, сопственост на сопругата на битолски бизнисмен и поранешен кандидат за градоначалник.
Пожарот брзо се проширил и ги зафатил и двете соседни возила, од кои едното е значително оштетено, а другото претрпело помали оштетувања. Според очевидци, на паркингот во моментот имало и други автомобили, поради што постоела сериозна опасност од пошироко ширење на пожарот.
На лице место интервенирале противпожарни екипи и полицијата, кои успеале да го локализираат огнот и да спречат поголема материјална штета.
Како што информираше раководителот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Битола, Горан Димкоски, интервенцијата започнала во 00:20 часот, а пожарникарите со петчлена екипа го локализирале пожарот за околу еден час.
„Во 00:20 добивме дојава за запалено возило во центарот на Битола. Веднаш излеговме на терен и интервенцијата траеше до 1:20 часот. Целосно изгоре џипот, а пожарот зафати и две соседни возила. Благодарение на брзата интервенција, спречивме поголема материјална штета“, изјави Димкоски.
Возилата имале регистарски таблички од Битола, Скопје и Тетово.
Причините за избувнувањето на пожарот се сѐ уште непознати и се истражуваат. Од полицијата информираат дека е започната истрага за утврдување на околностите и евентуалното намерно палење.


