ЗАКАЧКИ СО ПОРАКИ И ЗАКАНИ Ердоган и Нетанјаху го тестираат трпението
Вербалните пораки меѓу Анкара и Тел Авив откриваат длабоки несогласувања околу Газа и Сирија

Откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера индиректно упати порака до Турција, изјавувајќи дека „оние кои сонуваат за обнова на империите нема да успеат“, од Анкара пристигна остра реакција.
Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Бурханетин Дуран, преку социјалната мрежа X остро го нападна Израел, обвинувајќи ја неговата влада за, како што наведе, „еден од најлошите геноциди во историјата“.
„Иронично е што израелските лидери зборуваат за империјалистичките амбиции на другите во регионот, додека самите извршија масовни злосторства“, напиша Дуран.
Тој додаде дека Израел претставува дестабилизирачка сила и дека, според него, долгогодишната загриженост на Тел Авив од влијанието на Турција е „комична“.
Дуран нагласи дека под водство на претседателот Ердоган, Турција била фактор на стабилност и мир, додека, како што рече, владата на Нетанјаху донела „крв и солзи“ во регионот. Тој, исто така, го обвини Израел дека ги прикрива своите територијални амбиции зад изговори за национална безбедност, наведувајќи дека земјата останува окупаторска сила во Палестина и Сирија.
„Ниту евтината реторика, ниту смешните изјави на израелскиот премиер нема да нè одвратат од поддршката на нашите палестински браќа и сестри“, порача Дуран.
Во меѓувреме, по падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, Израел изрази сериозна загриженост поради зголеменото турско влијание во земјата. Дополнително, Тел Авив остро се спротивстави на амбициите на Анкара да учествува во Меѓународните сили за стабилизација кои се планира да бидат распоредени во Газа следната година.


