ЗАЕДНО ЗА ИДНИНАТА НА ЕЗЕРОТО Ден на Охридското Езеро

Поради својата исклучителна природна и културна вредност, Охридското Езеро и градот Охрид во 1980 година беа вклучени во Листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

ЗАЕДНО ЗА ИДНИНАТА НА ЕЗЕРОТО Ден на Охридското Езеро

Трите крајезерски општини – Охрид, Струга и Подградец заедно со националните асоцијации на ветераните од одбраната и безбедноста на Македонија и Албанија, со низа настани го одбележуваат Денот на Охридското Езеро.

Овие три соседни општини во 2000 година потпишаа меморандум за соработка, разбирање и заедничка заштита на езерото. Според договорот, секоја година на 21 јуни, наизменично организираат активности во чест на езерото.

Целта на одбележувањето е да се подигне јавната свест за неговата заштита од двете страни на границата и да се нагласи значењето на езерото како темел на еколошкиот туризам и биолошкиот ендемизам во регионот.

Програмата започна уште вчера со изложба на фотографии од Охридското Езеро, а денес продолжува со еколошка акција, презентација на нуркачка опрема, изложба на подводна фотографија, езерска регата под мотото „Заедно за иднината на езерото“, како и поетско читање „Слушни го езерото“ со учество на поети од Охрид, Подградец и Струга.

Напладне ќе се одржи музичкиот фестивал Balkan Music Square, на кој ќе настапат Дамјан Пејчиноски, Николче Мицевски, групата „Љубојна“ и Алба Дајлани од Албанија.

Одбележувањето продолжува и утре со втората регата „Заедно за иднината на езерото“.

Во рамки на заедничката програма, асоцијациите на ветераните од Македонија и Албанија учествуваат со сопствени манифестации. Албанската делегација ја предводи генерал Тома Кондури, претседател на националната асоцијација, заедно со потпретседателот Енвер Ајдари и членови од Тирана, Берат, Горица и Подградец.

Од македонска страна, со говор ќе се обрати проф. д-р Темелко Ристески, претседател на Сојузот на здруженијата на ветераните од одбраната и безбедноста. Активностите се организираат преку Секцијата со седиште во Охрид, во која се вклучени и ветераните од општините Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар, Гостивар, Ресен и Битола.

„На овој начин ја изразуваме нашата грижа за нашето слатководно море – балканскиот бисер што го делиме со пријателите од Албанија“, истакна полковник Добре Вељаноски.

Охридското Езеро е едно од најстарите езера во светот. Само неколку езера, како Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка, може да се споредат со неговата старост и геолошко потекло. Исто така, често се споредува со Бајкалското Езеро во Сибир – најдлабокото езеро во светот поради сличноста во ендемичниот растителен и животински свет.

Поради својата исклучителна природна и културна вредност, Охридското Езеро и градот Охрид во 1980 година беа вклучени во Листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

CATEGORIES
Share This