ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ТЕАТАРОТ – Денови на претстави од независна продукција

Четири претстави, четири уникатни приказни и современ театар за секој вкус

ЗА ЉУБИТЕЛИТЕ НА ТЕАТАРОТ – Денови на претстави од независна продукција
Фото: Принтскрин

Во Драмскиот театар во Скопје од 14 до 17 јануари ќе се одржат „Деновите на претстави од независна продукција“, со изведби на четири претстави од различни независни театри. Настанот ќе се одвива на сцените „Ристо Стефановски“ и на Малата сцена.

Според програмата на 14 јануари во 20:00 часот е претставата „СамоТи(И)Ја“ (Театроск, Скопје) во режија на Војо Цветановски и актерите Енџи Николовска и Бојан Лазаров.

Претставата е кореодрама која ја обработува универзалната тема за љубовта и човечката потрага по припадност. Двете личности во приказната постојано се трагаат меѓусебно, а посебен акцент е ставен на сетилното истражување – допир, поглед, мирис и кој го води нивното сретнување.

На 15 јануари во 20:00 часот е претставата „Delirium tremens“ (Театарска работилница, Прилеп) во режија на Игор Трпчески. Автор е Благоја Ристески-Платнар со актерите Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Сценографија и костими се на Бојана Артиновска а тон и светло Томе Темелкоски.

Претставата започнува како комедија, но со текот на приказната преминува во драма, апсурд, фарса и психодрама. Главниот лик, кој случајно ја најавува претставата, ни открива дека актерот е во болница поради delirium tremens. Се преплетуваат различни ликови и ситуации, а кулминацијата се случува кога љубовта и алкохолот предизвикуваат трагичен пресврт, при што претставата истражува љубов, морални дилеми и односите меѓу уметници и работници.

На 16 јануари е претставата „Кротка“ (Дом на културата „Иван Мазов-Климе“, Кавадарци) во режија на Микица Илова и уметничкиот тим со Пепи Ангелов и Сашко Орешков.

Монодрамата е адаптација на новелата на Фјодор Достоевски и ја прикажува психолошката длабочина на човек кој се соочува со смртта на својата сопруга. Претставата е исповед на маж кој се обидува да го разбере својот однос со покојната жена и својата неспособност за емпатија. Монологот се движи меѓу реалност и халуцинација, со емоционални промени од рамнодушност до очај и вина.

На 17 јануари е претставата „Сина сенка“ (Златен Елец, Скопје) во режија на Тамара Стојаноска и авторот Брајан Рејнолдс. Преводод е на Сашо Огненовски, музиката на Мајкл Хукер а аранжманот на Лука Тошев. Сценографија и костимите се на Тамара Стојаноска, фотографија на Јордан Звездоски со актерите Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски, Стефан Арсиќ

„Сина сенка“ се занимава со современите општествени проблеми и системските влијанија врз поединецот. Претставата ја истражува врската помеѓу медиумите, фармацевтската индустрија, бизнисите и стравот кој се создава кај луѓето. Главниот фокус е човекот како жртва и соучесник на системот, а приказната ја отвора темата за насилството, стравот и личната одговорност во општеството.

Овие четири претстави нудат разновиден поглед на современиот театар, од кореодрама и апсурдна комедија до психолошка монодрама и социјална драма.

CATEGORIES
Share This