ЗАЈАКНАТА СОРАБОТКА – Македонија и Хрватска пред финален договор за стратешко партнерство
Разговорите за стратешко партнерство влегуваат во завршна фаза, со фокус на економијата, безбедноста и енергетиката меѓу Северна Македонија и Хрватска.

Северна Македонија и Хрватска одржуваат исклучително силни билатерални односи кои претставуваат позитивен пример за регионот, а во наредниот период се очекува и финализирање на договор за стратешко партнерство меѓу двете земји. Хрватска останува цврст и принципиелен поддржувач на македонскиот пат кон Европската Унија, беше истакнато на заедничката прес-конференција на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
Муцунски информираше дека се во тек разговори за затворање на процесот за воспоставување стратешко партнерство, кое ќе опфати повеќе значајни области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката. Тој ја истакна улогата на Хрватска како „ментор“ во евроинтегративниот процес, нагласувајќи ја нејзината политичка поддршка и конкретната техничка помош.
Двајцата министри се согласија дека продлабочената координација како земји членки на НАТО е врвен надворешнополитички приоритет, кој придонесува за усогласување на ставовите и зајакнување на регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена и заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални случувања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете држави. Муцунски нагласи дека земјата нема алтернатива на европскиот пат и дека фокусот мора да остане на спроведување на домашните реформи, при што посочи дека резултатите од реформската агенда се особено видливи во последните месеци.
Во однос на односите со Бугарија, тој истакна дека Северна Македонија има јасна и принципиелна позиција, но дека е неопходен активен дијалог. Информираше дека веќе имал разговор со новата бугарска министерка за надворешни работи и најави средба во прва можност, при што потенцираше дека е потребна претпазливост поради предизборниот период во Бугарија.
Грлиќ Радман, пак, оцени дека Северна Македонија е подготвена и заслужува брзо членство во Европска Унија, нагласувајќи дека отворањето на преговорите ќе биде силен поттик за македонските граѓани. Тој истакна дека односите меѓу двете земји се отворени и пријателски и дека соработката може да послужи како пример за целиот Западен Балкан, потсетувајќи на 18-те активни твининг-проекти преку кои Хрватска помага во јакнењето на институционалните капацитети во повеќе сектори.
Во контекст на регионалните предизвици, хрватскиот министер нагласи дека проширувањето на Унијата е од заеднички интерес, особено во услови на актуелните геополитички тензии и руската агресија врз Украина, додавајќи дека природното геополитичко место на Северна Македонија е во Европската Унија.
Муцунски на крајот ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка и за ставот дека процесот на проширување на ЕУ треба да продолжи со засилена динамика кон земјите од Западен Балкан.


