WINDOWS 10 БЕЗ ПОДДРШКА ОД ОКТОМВРИ – Microsoft нуди продолжена поддршка, но делумно и бесплатно
Иако промените нема веднаш да се почувствуваат, корисниците со текот на времето ќе се соочуваат со сѐ поголеми безбедносни ризици и некомпатибилности со нови апликации.

Од 14 октомври 2025 година, Microsoft ќе ја прекине официјалната поддршка за Windows 10, што значи дека оперативниот систем повеќе нема да добива безбедносни надградби. Иако промените нема веднаш да се почувствуваат, корисниците со текот на времето ќе се соочуваат со сѐ поголеми безбедносни ризици и некомпатибилности со нови апликации.
Сепак, Microsoft ќе понуди продолжена поддршка, достапна не само за бизнис-корисници, туку и за индивидуалните (приватни) корисници, по цена од 30 долари годишно. Поддршката ќе биде достапна до 13 октомври 2026 година.
Интересно е што Microsoft најавува и можност за добивање на една година бесплатна поддршка, но само за оние корисници што ќе ја користат Windows Backup алатката и ќе направат синхронизација на податоци преку Microsoft сметка. Ова најверојатно е стратегија за задржување на корисниците, со оглед на тоа што многумина немаат намера да се префрлат на Windows 11, кој бара посовремен хардвер.
Дополнително, се зголемува интересот за Linux како алтернатива, особено благодарение на кампањи од заедницата на KDE, популарна десктоп околина достапна на повеќе Linux дистрибуции. Со поедноставен пристап и сè поголема поддршка за просечните корисници, Linux станува сериозна опција за оние што сакаат слобода, стабилност и безбедност без дополнителни трошоци.
Како што се приближува крајниот рок, се очекува Microsoft да започне со испраќање на известувања до корисниците на Windows 10 за нивните можности и избори.


