ВУЧИЌ: КОЈ Е ПОСИЛЕН, ТОЈ ВЛАДЕЕ – Капа доле за американската разузнавачка служба
Претседателот на Србија по седницата на Советот за национална безбедност зборуваше за глобалната безбедност, енергетиката и американската акција во Венецуела

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ѝ се обрати на јавноста по седницата на Советот за национална безбедност, која започна во 10 часот. Како што соопшти, на седницата биле разгледани три клучни теми – регионалната и глобалната безбедност, енергетската сигурност и американската акција во Венецуела.
„Разговаравме за регионалната воена и политичка безбедност, со посебен фокус на случувањата во Европа и светот. Втората тема беше енергетската безбедност, а третата – американската акција на територијата на Венецуела“, изјави Вучиќ.
Тој нагласи дека приоритет на Србија е зачувувањето на мирот и стабилноста, додавајќи дека државата е подготвена и на енергетски план.
„Очекуваме првите 85.000 тони енергенси да пристигнат до 15 јануари. Рафинеријата треба да започне со работа на 17 или 18 јануари, а од 25 јануари и со целосно производство. Ги полниме резервите, а благодарение на складиштата изградени пред две години, ќе имаме доволно залихи“, рече српскиот претседател.
Осврнувајќи се на американската интервенција во Венецуела, Вучиќ оцени дека светскиот поредок е сериозно нарушен.
„Веќе нема правила во светот. Американската цел е целосна доминација на американските континенти, што не е лесно покрај Бразил и Мексико. За тоа им е потребен Гренланд како стратешка порта и целосна енергетска доминација“, истакна тој.
Според Вучиќ, акцијата во Венецуела била спроведена речиси целосно преку разузнавачки структури.
„Капа долу за американската разузнавачка служба – начинот на кој ја изведоа операцијата беше импресивен. Борбената операција практично не постоеше. Сè беше завршено со информации и координација“, рече Вучиќ.
Тој додава дека САД со тоа добиле контрола врз околу 51 процент од светските резерви на нафта.
Тој направи и историска паралела, наведувајќи дека вакви операции не се новина.
„Слично беше и со Краина – без тенкови и без отворена воена интервенција. Со седум хеликоптери да се стигне до врвот на зграда, тоа е можно на мал број места во светот“, изјави претседателот.
На крајот, Вучиќ порача дека Србија е свесна за тежината на својата геополитичка позиција.
„Како мала земја во Источна Европа, се соочуваме со сè поголеми предизвици. Стариот светски поредок се урива. Меѓународното јавно право не функционира, а Повелбата на ОН постои само на хартија. Денес светот го води правото на сила – посилниот угнетува. Тоа е реалноста со која мораме да се соочиме“, заклучи Вучиќ.


