ВРХОВНИОТ СУД РЕШИ – Кривичниот суд Скопје ќе суди за трагедијата во „Пулс“

Судењето во Скопје ќе започне откако обвинителниот акт добие правосилност, а јавноста очекува одговорност за една од најголемите цивилни трагедии во поновата историја на земјата.

ВРХОВНИОТ СУД РЕШИ – Кривичниот суд Скопје ќе суди за трагедијата во „Пулс“
Фото: Национал

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 лица, ќе се одржи во Кривичниот суд во Скопје. Врховниот суд на Република Македонија денес донесе одлука со која го определи Основниот кривичен суд Скопје како надлежен за постапувањето по предметот.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд, на 25 јуни 2025 година, со Решение КР-35/25, утврди дека Основниот кривичен суд Скопје ќе постапува по предметот КООА.бр.13/25, кој се однесува на настанот од 16 март 2025 година, кога изби пожар во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани“, соопштија од судот.

Одлуката следува откако Основниот суд во Кочани се иззема од случајот, бидејќи сите петмина судии од судот веќе постапувале по истиот предмет во различни фази – во прв или втор степен. Ова ја доведе во прашање нивната непристрасност и можноста за објективно судење.

Покрај кочанскиот, и апелационите мислења укажаа дека ниту судовите во Штип, ниту во Струмица не ги исполнуваат потребните услови за водење на овој чувствителен и обемен процес. Затоа Врховниот суд ја презеде надлежноста да определи соодветен суд за водење на постапката против 34-те обвинети за катастрофалниот пожар.

Судењето во Скопје ќе започне откако обвинителниот акт добие правосилност, а јавноста очекува одговорност за една од најголемите цивилни трагедии во поновата историја на земјата.

CATEGORIES
Share This