ВОЗОТ БРАЌА ТРГНУВА АМА ЗА ХРВАТСКА Дали Хрватска е новата Германија за Македонците, над 10.000 на сезонска работа

На Хрватска оваа година ќе ѝ бидат потребни околу 70.000 сезонски работници. 

ВОЗОТ БРАЌА ТРГНУВА АМА ЗА ХРВАТСКА Дали Хрватска е новата Германија за Македонците, над 10.000 на сезонска работа
Фото: Принтскрин

Своевремено македонските печалбари беа испраќани на печалба со песната „Возот браќа тргнува, право за Германија“. Времињата се сменија и сега е поточно да се пее и каже дека возот тргнува, ама за Хрватска

Хрватска и натаму останува атрактивна дестинација за работници од Македонија, особено во сезонските дејности. Според податоци објавени од Хрватската служба за вработување, во 2023 година се издадени дозволи за работа 13.412 работници од Македонија. Од регионот, на државјани од Босна и Херцеговина се издадени 38.236 дозволи за работа, на Србија 24.028 дозволи.

Во првите пет месеци од 2024 година, Министерството за внатрешни работи на Хрватска издало вкупно 93.786 работни дозволи, или 54 проценти од издадените во целата 2023 година. Повеќето од нив се однесуваат на вработување во туризмот и угостителството (31.442) и градежништвото (31.234). Најголем број дозволи се издадени на граѓани на Босна и Херцеговина (18.503), Непал (15.922), Србија (14.325) и Индија (8.504), Македонија (7.236), Филипините (6.232), Бангладеш (5.338), Косово (3.678) …

Најголемиот број издадени дозволи се однесуваат на подрачјето на три полициски дирекции: Загреб, Истра и Сплит-Далмација.

Оваа година, Хрватска има потреба од околу 70.000 сезонски работници, главно во секторите на туризмот и угостителството. Зголемената побарувачка веќе влијае врз пазарот на труд – конкуренцијата меѓу работодавачите се засилува, што резултира со повисоки плати и подобрени услови за работа.

Највисоки плати се нудат за готвачите со повеќе од пет години работно искуство, чија месечна заработка се движи од 1.500 до 2.000 евра. Келнерите, пак, заработуваат од 1.100 до 1.500 евра, додека платите за одржување на соби се движат меѓу 950 и 1.400 евра. Во останатите услужни дејности просечната плата изнесува околу 1.100 евра.

Податоците покажуваат дека сè повеќе македонски граѓани ја препознаваат Хрватска како можност за подобри економски услови, особено во текот на туристичката сезона, кога побарувачката за работна сила е највисока. Во првите десет најбарани занимања се „келнер“, „помошник готвач“, „готвач“, „чистач“, „помошник келнер“ „доставувач“.

На Хрватска оваа година ќе ѝ бидат потребни околу 70.000 сезонски работници.

CATEGORIES
TAGS
Share This