ВО ТРЕБЛИНКА ОДДАДЕНА ПОЧИТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ – Нема да дозволиме фалсификување на вистината
Во Меморијалниот комплекс Треблинка беше оддадена почит на 7.144 македонски Евреи депортирани во логорот на смртта во 1943 година.

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска‑Давкова, во Меморијалниот комплекс Треблинка во Полска им оддаде почит на жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта во 1943 година.
Во изјава за медиумите, Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија нема да дозволи историски ревизионизам и фалсификување на вистината за холокаустот врз македонските Евреи. Таа истакна дека трагедијата е особено болна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил карактеристика на македонското општество.
Според претседателката, фактот што македонските Евреи кои успеале да ја избегнат депортацијата веднаш се приклучиле кон народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ претставува доказ за традиционалниот соживот.
На комеморацијата, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио, порача дека настанот испраќа силна порака дека сеќавањето на вистината мора да се зачува и пренесува, бидејќи тоа е дел од она што Македонија неповратно го изгуби.
Мајкл Баренбаум, креатор на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакна дека посетата на ова место не треба да биде само поглед кон минатото, туку и потсетник на одговорноста вакво зло никогаш повеќе да не се повтори.
Претседателката положи цвеќе и пред централниот споменик во Треблинка, ја разгледа музејската поставка и се сретна со директорот на меморијалниот комплекс, Едвард Куповка. Таа го поздрави поставувањето на новиот ѕид на кој ќе бидат испишани сите познати имиња на убиените Евреи во Треблинка, меѓу кои и имињата на македонските Евреи.
За време на посетата на Варшава, Сиљановска-Давкова положи венец и пред споменикот посветен на жртвите на Варшавското гето.
Во својата изјава, претседателката потсети дека на 11 март 1943 година тогашната бугарска фашистичка окупаторска власт ги собрала македонските Евреи од окупираната Македонија, ги натоварила во сточни вагони и ги депортирала во нацистичкиот центар за истребување Треблинка.
Таа нагласи дека трагедијата е уште поголема затоа што во холокаустот биле уништени околу 98 проценти од македонската еврејска популација, со што практично бил ставен крај на вековната еврејска заедница во Македонија.
„Мора постојано да потсетуваме на злото за да не се повтори. Не се виновни само сторителите, туку и оние кои дозволиле злото да се случи. Невозможно е од злото да се направи добро“, истакна Сиљановска-Давкова, потсетувајќи дека во центарот на Скопје се наоѓаат три урни со пепел донесена од Треблинка.


