ВО СУДНИЦАТА ЗА ПУЛС Ратко Димитровски тврди дека постапувал законски и без надлежности
Одбраната тврди дека обвинението против поранешниот градоначалник Димитровски е правен преседан и без докажлива причинско-последична врска.

На денешното судење за случајот „Пулс“, одбраната на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, оцени дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување причинско-последична врска. Според нив, Димитровски ниту имал намера или умисла, ниту пак можел со своите надлежности да ја спречи трагедијата, а притоа бил единствениот кој навреме реагирал и поднел барање да не се издава дозвола за работа на дискотеката.
Адвокатката Ангела Соколова, бранителка на десеттообвинетиот и градоначалник од 2012 до 2017 година, изрази сочувство до семејствата на загинатите и нагласи дека „потребна е вистинска правда која нема да дозволи виновните да избегнат казна, но ниту невини да бидат осудени“. Таа тврдеше дека обвинителниот акт неправилно ја утврдува каузалната врска меѓу наводното непостапување и последиците.
Соколова истакна дека Димитровски уште во 2012 година поднел барање да не се издава дозвола за дискотека или кабаре и дека општината не дозволила пренамена на просторот. Според неа, останува нејасно зошто овој допис бил игнориран, имајќи предвид дека никогаш не бил повлечен.
Таа додаде дека општината не е надлежна за издавање или контрола на лиценци за дискотека, ниту за надзор врз примена на пиротехника или безбедност во внатрешноста на ваквите објекти.
„Ќе докажеме дека ниту едно дејствие или пропуст во мандатот на Димитровски не може да се доведе во директна врска со трагичниот настан“, рече Соколова.
Во својот воведен говор, Димитровски изјави дека е шокиран што се наоѓа на обвинителна клупа за нешто против кое, како што рече, „единствен јавно реагирал уште пред 13 години“. Тој повтори дека сите надлежности околу лиценцата за работа биле во рацете на државни институции, а не на локалната самоуправа.
„Каква правда може да има ако се обвинуваат луѓе што не се виновни? Не може да има правда со заменски обвинети“, додаде.
Обвинителството тврди дека Димитровски, заедно со поранешните градоначалници Николчо Илијев и Љупчо Папазов, свесно не постапувале по законските прописи за заштита, урбанизам и инспекциски надзор. Иако знаеле дека Кабаре Клуб „Пулс“ не ги исполнува условите за угостителска дејност, наводно не презеле мерки за утврдување неправилности, ниту наредиле инспекциски надзор. Според обвинението, објектот работел незаконски, без одобрение за реконструкција, пренамена или употреба, без функционален паркинг и со сериозни ризици за посетителите.
Претходно денеска, одбраната на обвинетите градежни инспектори изјави дека „структурата на објектот не била причината за трагедијата“ и дека не можеле да постапат без пријава или наредба.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март годинава загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.
Судењето, кое го води судијката Диана Груевска Илиевска, продолжува со воведните зборови на одбраната на Илијев и Папазов. На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници.


